Грција го воведе најдолгиот работен ден во Европа. Граѓаните бесни
Грчкиот парламент усвои закон со кој им се дозволува на работодавците од приватниот сектор да го продолжат работното време, и покрај протестите на работниците кои веќе се борат да се справат со високите трошоци за живот. Нацрт-законот, кој им овозможува на работодавците да воведат работен ден од 13 часа, во споредба со сегашните осум часа, има за цел да го направи пазарот на трудот пофлексибилен и поефикасен, истакна грчката конзервативна влада.
Но, предлогот предизвика два општи штрајкови овој месец, бидејќи работниците сметаат дека тоа ќе ги поткопа нивните права додека се борат да се справат со стагнацијата на платите и зголемувањето на трошоците за храна и кирија. „Додека остатокот од Европа дискутира за намалување на работното време, во Грција тие се зголемуваат“, рече 41-годишниот шанкер Темис Литрас, кој рече дека неговата кирија се дуплирала во последните две години.
Најдолгата работна недела во Европа
Грција е меѓу земјите со најдолга работна недела во Европа од околу 40 часа, според податоците на ЕУ, во споредба со просекот од 34 часа во Германија или 32 во Холандија. Куповната моќ во Грција е меѓу најслабите во ЕУ, според податоците на Евростат.
Според новиот закон, подолг работен ден може да се воведе само три дена во месецот и до 37 дена во годината.
Законот ги штити луѓето од отпуштање ако одбијат да работат прекувремено, но синдикатите предупредуваат дека им ја одзема на работниците нивната преговарачка моќ во земја каде што непријавената работа е распространета, а просечните плати се релативно ниски.
Законот, исто така, им дава на работодавачите поголема флексибилност кога станува збор за краткорочно вработување и им дозволува на работниците да работат четири дена во неделата во текот на целата година, доколку се согласат со работодавачот.