Грција ги затвора границите за Србите


Министерот за туризам на Србија Расим Љаиќ, за Б92 потврди дека границите на Грција се затвораат за српските државјани од утре во 6 часот.

Грција ја донесе оваа одлука заради епидемиолошката состојба во Србија и големиот број тестирани лица од Србија во Грција кои се позитивни.

Како што дознава Н1, туристите од Србија кои моментно се во Грција ќе можат да ги завршат своите аранжмани.

Кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис официјално ја известил амбасадата на Србија во Атина дека Грција од утре ќе ја затвори границата за српските граѓани.

Директорот на Здружението на туристички агенции, Александар Сеничиќ, рече дека проблем е со туристите кои треба да заминат вечерва, но одлуките за тоа ќе ги донесат агенциите.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ претходно потврди за Нова.рс дека е можно да се затвори грчката граница за српските граѓани од полноќ.

Досега, единствената отворена рута за туристите од Србија да влезат во Грција беше преку Бугарија, на преминот Промахонас, откако преминот Евзони на границата со Македонија беше отворен на 1 јули само за неколку часа и потоа веднаш затворен.

Во последната недела во Србија постојано расте бројот на заболени од Ковид-19, а деновиве бројката се искачи над 300 дневно.