Грција ги отвора продавниците, но не и моловите

Грција – Со отворање на сите продавници за малопродажба, со исклучок на трговските центри и моловите, со враќање на матурантите во училишните клупи, со отворање на автошколите, со враќање на работа на 70 отсто од државните службеници, денеска во Грција започнува втората фаза од планот за олабавување на рестриктивните мерки, јави дописничката на МИА од Атина.

Минатата седмица и во текот на викендот, сопствениците и вработените во продавниците, се подготвуваа за денешниот нов почеток, под нови правила и прописи, по двомесечен прекин на работата. Дезинфекција на просторите, промена на излозите и адаптирање на околностите.

Со работа почнуваат 155.962 вработени, од вкупно 690.218 кои беа на принуден одмор поради рестриктивните мерки, а се отвораат 66.010 бизниси, односно 25 отсто од вкупниот број.

Сопствениците со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, велат дека два месеци го чекале овој момент, повторно да можат да ги отворат продавниците.

-Подготвени сме, тука се ракавиците и маските за вработените. Оптимист сум дека по толку денови затворени дома, луѓето ќе сакаат да излезат на шопинг, сега за сега само Грците, а во текот на јули и август ги очекуваме и туристите, вели сопственичка на продавница за обувки во центарот на Атина, додека заедно со вработените ги редат чевлите и се подготвуваат за утрешното отворање.

Особено ќе бидат претпазливи сопствениците на продавници за облека, кои објаснуваат дека по секое пробување од клиентите, облеката ќе ја дезинфицираат со апарат на пареа.

„Welcome back“ е натписот што ќе ги пречека Грците на една од продавниците, додека пак не е мал бројот на оние кои нивните излози ги адаптираат на новите околности, па така куклите се со заштитни маски.

Заштитните маски пак, за вработените и потрошувачите не се задолжителни, туку постои силна препорака за нивно користење, а има посебни правила и ограничувања и во бројот на клиенти.

Ќе биде во зависност од големината на продавницата, ако е до 20 метри квадратни, не смее да има повеќе од четири лица (вработени и муштерии), од 20 до 100 метри квадратни, четири лица плус едно лице на секои десет метри квадратни за секој дополнителен метар квадратен. За продавниците од над 100 метри квадратни, 12 лица плус едно лице на секои 15 метри квадратни.

Во јавниот сектор пак, од денеска на работа се враќаат на работа 70 отсто од државните службеници.

Минатиот понеделник, во првата фаза од олабавувањето на мерките, започнаа со работа книжарниците, оптиките, продавниците за спортска опрема, фризерските салони, берберниците, центрите за техничка проверка на возила.

Матурантите се враќаат во училишните клупи

Денеска започнува наставата за матурантите, додека пак на 18 мај, во училишните клупи се враќаат сите средношколци.

За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, дополнително ќе се разгледа можноста за отворање на 1 јуни, доколку тоа го дозволува текот на епидемијата.

По еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секој училница, поделба на класовите и наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои ќе работат грчките училишта според упатствата во заедничката министерска одлука на надлежните министри и во циркуларот од Министерството за образование на Грција објавени во четвртокот.

Доколку во класовите има над 15 ученици, тие ќе бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.

Според правилата за начинот на работа, потребно е учениците и професорите да бидат внимателни во излегувањето од училниците, тоа да биде постепено и со ред, да постојат различни делови за секоја група, на одморите да се проветруваат училниците, а забранети се игри со топка (кошарка, фудбал, одбојка и сл) на големите одмори или по часовите.

За часовите по информатика, тастатурата на компјутерите треба да биде покриена со пластична проѕирна фолија, од оние што се користат за храна, а да се менува за секој ученик.

Во Грција, од почетокот на епидемијата заклучно со вчера, регистрирани се вкупно 2.716 позитивни случаи на Ковид-19, а почина 151 лице.