Грција е во сè поголем проблем поради масовниот туризам


Во Грција е неопходно да се спроведе реформа и да се редефинираат законите кои се однесуваат на туризмот, наведува Индипендент.

Минатата година Грција ја посетиле околу 33 милиони луѓе, што е за 5 милиони повеќе од претходната година. Туристите ги привлекуваат античките археолошки локалитети, тиркизните медитерански води и сигурната летна сезона. Сепак, заштитникот на граѓаните на земјата објави извештај во кој предупреди на зголемените ризици за животната средина и повика на итни реформи.

Економијата на Грција во голема мера се потпира на туризмот и сите вклучени ресурси треба да се зачуваат. Грција не смее да го исцрпува својот потенцијал, да го троши, со што туристичките дестинации би биле неатрактивни. Туризмот сочинува повеќе од 25 отсто од економското производство, а приходите се зголемуваат секоја година. Се очекува тие годинава да пораснат на 21 милијарда од минатогодишните 20,5 милијарди.

Сепак, тој приход генерира сè повеќе проблеми. Заштитникот на граѓаните повика на намалување на крајбрежната градба и забавување на сечењето на шумите кои создадоа соодветни услови за поплави. Исто така, повикува на поголема грижа за водните ресурси во светлина на зголемените барања за вода за пиење, базени и водни паркови.

Островот Санторини се наведува како вистински пример за масовен туризам. Островот со околу 15.000 жители секоја година е домаќин на повеќе од 5,5 милиони туристи, што е двојно повеќе од бројот на кој беше домаќин во 2012 година. Токму затоа остварува околу една милијарда евра годишен приход, но нанесува голема штета на локалната заедница и природата.