Влез во Грција со посебен протокол


Од 13 часот денеска е дозволен влез во Република Грција и на граѓаните од Република Северна Македонија преку граничниот премин „Евзони“, соопшти МВР. За влез во Грција е потребен негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, 14 дена поминати од ревакцина, признаени ќе бидат сите сертификати за извршена вакцинација, а за деца до пет години не е потребен ПЦР тест. Тие што ќе патуваат ќе мора да пополнат и електронска пријава еден ден пред да патуваат.

– Од страна на грчките гранични служби добивме известување дека од 13 часот е дозволен влез во Република Грција на граѓаните од ЕУ, трети земји и граѓани од Република Северна Македонија преку  ГП „Евзони“. Според протоколот за влез, граѓаните од ЕУ, од трети земји и од Репубика Северна Македонија ќе може да остварат влез во Република Грција преку ГП „Евзони“ со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или Сертификат за примени две дози вакцини (14 денови поминати од втората доза вакцина), при што ќе бидат признаени сите сертификати за извршена вакцинација, додека за деца до пет години не е потребен ПЦР тест. Исто така, останува обврската за електронска пријава на сајтот www.travel.gov.gr (ден пред патување) за обезбедување на ПЛФ (Passenger Locator form) документ, се посочува во соопштението од МВР.

Оваа мерка, како што се наведува, ќе се применува до 24 мај 2021 година односно понеделник, при што  граѓаните ќе може да остварат влез во периодот од 7 до 23 часот (по грчко време), или од 6 до 22 часот (по наше време), a за излез од Грција нема ограничувања и ГП „Евзони“ ќе работи 24 часа. Протоколот за товарниот сообраќај останува ист, се посочува во соопштението од МВР.

Сертификатот треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.

Во случај да се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде во рок од 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.

Алтернативно, патниците кон Грција може да патуваат со потврда дека биле болни од Ковид-19 или да покажат резултат од позитивна дијагноза со ПЦР  или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.

Сите посетители на Грција, може да бидат подложени на тестирања по случаен избор со брзи тестови при влезот. Доколку се тестираат, ќе треба да ги почекаат резултатите, а во случај на позитивен тест, ќе бидат во 14-дневен карантин.

Од копнените граници кон Северна Македонија, отворен е само Евзони (Богородица).

Согласно министерската одлука, продолжена е забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а исклучок има освен за Северна Македонија и за Австралија, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Израел, Канада, Белорусија, Бахреин, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Катар, Кина, Кувајт, Украина, Руанда, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур и Тајланд.

За прекршување на мерките во конкретната министерска одлука предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.