Грчкото МНР ѝ се закани на Албанија заради притворот на кандидатот за градоначалник, ќе влијае на односите со ЕУ


Денешната одлука на судот во Валона, доколку доказите не се неоспорливи, е скандалозна, коментираат од Министерството за надворешни работи на Грција за одлуката на албанскиот суд да му одреди мерка притвор на кандидатот за градоначалник на Химара од партијата на грчкото малцинство КЕАД Дионисис Фреди Белерис и додаваат дека ова ќе влијае на односите на Албанија со ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкото МНР реагираше со соопштение во кое вели дека „апсењето на кандидат за градоначалник два дена пред избори не претставува владеење на правото“ и додаваат дека одлуката за притвор на ги менува „правилата за еднаквост на општинските избори во Химара, најважниот центар на грчкото национално малцинство во Албанија“.

-Ваквата одлука ќе има влијание и врз односите на Европската унија со Албанија, бидејќи предуслов на овој европски пат е посветеноста на земјите кандидати до европските правила и принципите на владеење на правото. Одлуките како денешната кои ги прекршуваат горенаведените принципи значат дека во пракса Албанија не го следи европскиот пат, соопштија од грчкото МНР.

Официјална Атина, вчера, откако беше уапсен Белерис, ги информираше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и претседателката на ЕК, а беше испратен и демарш до Министерството за надворешни работи на Албанија.