Грчко МНР за изјавата на Мицкоски во Њу Џерси: Македонското прашање е решено


 

Во неговата изјава во Њу Џерси, САД, премиерот на Северна Македонија одбра да зборува за „нерешено“ и „постоечко“ македонско прашање. Ова, претставува провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина.

„Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји“, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Реакцијата од грчкото МНР доаѓа по изјавата на премиерот Мицкоски од САД во која рече дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.

Изјавата на премиерот ја пренесоа голем дел од грчките медиуми, коментирајќи дека „Мицкоски провоцира“ и говори за „нерешено прашање“.