Грчките медиуми за изборите кај нас

„Северна Македонија: Владејачката партија на Заев победник на парламентарните избори“; „Избори трилер во Скопје“; „Северна Македонија: Зоран Заев победник на парламентарните избори“; „Избори во Скопје: Зоран Заев победник со мала разлика“; „Мала предност за партијата на Заев“; „Изборен трилер со мало водство на Заев“, се дел од насловите во грчките медиуми, во текстовите објавени во текот на ноќта и рано утрово, а посветени на изборите кај нас.

Медиумите кај јужниот сосед, акцентот го ставаат на тесната битка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на излезноста, за која коментираат дека е мала, но сепак солидна во период на епидемија, ги пренесуваат изјавите на Зоран Заев, а го споменуваат и проблемот со интернет страницата на Државната изборна комисија, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот што го преземаа речиси сите онлајн изданија на медиумите, пишува дека СДСМ е победник на изборите, со мала разлика, а според проценките не е можен пресврт во резултатите.

Паралелно, го пренесува и распоредот на силите и додава дека во новото Собрание влегуваат и „левичарската партија Левица и Демократската партија на Албанците (ДПА)“.

-Како што оценуваат аналитичарите во Скопје, веројатното сценарио е да формираат влада СДСМ на Зоран Заев, ДУИ на Али Ахмети и ДПА на Мендух Тачи. Во овој случај, овие три партии кои учествуваа и во владата во заминување, обезбедуваат парламентарно мнозинство од 62 пратенички места, пишува АНА-МПА.

Со сличен коментар е и новинарот од онлајн изданието на весникот „Етнос“, кој од Скопје пишува дека можно сценарио е СДСМ, ДУИ и ДПА да формираат влада, а додава дека излезноста била помала од онаа во 2016 година, „но поголема од очекуваното поради пандемијата на коронавирусот“.

-Со две пратенички места повеќе од ВМРО-ДПМНЕ, владејачката социјалистичка партија СДСМ и коалицијата „Можеме“ е победник на десеттите парламентарни избори во Северна Македонија, пишува „Етнос“.

Новинар од грчката телевизија „Мега“ во директното вклучување од Скопје, рано утрово коментираше дека воопшто не владее изборна атмосфера поради коронавирусот, објасни дека победата на СДСМ е со мала разлика, додаде дека излесносна не била голема, но и дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не излезе со изјава за медиумите.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“, освен што го пренесува распоредот на силите, како и изјавата на Зоран Заев, коментира дека „и Атина и Брисел со особен интерес ги очекуваат изборните резултати“ .

-Јасно е дека Атина не посакува победа на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа би значело дека земјата одново би го сменила тонот, присвојувајќи националистичка реторика. Но, дури и да загубеше Зоран Заев, поништување на Договорот од Преспа не би било возможно. Дури и да сакаше ВМРО-ДПМНЕ да го измени Уставот во прашањето за името на земјата, освен тоа што тоа го забранува Договорот од Преспа, практично е невозможно поради политичките корелации, пишува „Прото тема“.

Медиумите во Грција, ги споменуваат и проблемите со сајтот на ДИК во објавувањето на резултатите.

-Државната изборна комисија не можеше официјално да ги соопшти конечните податоци иако резултатите пристигнуваа. Според комисијата, имаше проблем во софтверот, но информациите беа дека Државната изборна комисија била на мета на хакерски напад. Оваа вест, за „Ethnos.gr“ ја потврдија и дипломатски извори до Скопје. Проблемот беше решен во раните утрински часови, пишува онлајн изданието на „Етнос“, пренесе МИА.

-Пренесувањето на резултатите од вчерашните избори беше со многу проблеми, бидејќи доцна синоќа беше прекината работата на компјутерскиот систем на Државната изборна комисија, коментира АНА-МПА.

Грчката новинска агенција објави текст и доцна синоќа, по затворањето на гласачките места и информираше дека гласањето поминало без проблеми, гласачките места се затвориле во 21 часот, а излезноста била помала во споредба со претходните парламентарни избори.

-Сепак и овој процент би можел да се смета за „задоволителен“, бидејќи дел од гласачите преферираа да не излезат на гласање поради стравот од ширење на коронавирусот, кое што е регистрирано во земјата во последниот еден и пол месец, пишува АНА-МПА.

Изборите кај нас беа дел и од вечерните централни изданија на вестите на грчките телевизии. Коментарите на новинарите беа дека ова се први парламентарни избори по Договорот од Преспа, но и избори во време на пандемија и во сенка на корона вирусот.

Грчката државна телевизија „ЕРТ“ коментираше дека за време на гласањето задолжително беше носењето маска, антисептици беа поставени на повеќе места како и ознаки за одржување дистанца

Дел од медиумите пренесоа и изјави од македонските граѓани веднаш откако го исполнија нивното право на глас, кои го коментираа начинот на гласање во период на епидемија.