Грчкиот митрополит што организираше протести против Преспанскиот договор си поднесе оставка


Митрополитот Амвросиос, жесток противник на Преспанскиот договор и тврд грчки конзервативец, познат по острите изјави против оние за кои тој тврди дека се однесуваат „нехристијански“, вклучително хомосексуалци, мигранти и политичари, денес си поднесе оставка.

Амвросиос во јануари годинава организираше протест против Преспанскиот договор во градот Аигио, во близина на Атина. Тој и други свештеници на протестот носеа транспаренти на кои пишуваше „Македонија е грчка“. Грчките медиуми тогаш јавија дека митрополитот им наредил на сите помесни цркви во времетраење од една недела секој ден од 11 до 11:15 часот да ѕвонат со камбаните во знак на протест против Преспанскиот договор.

Амвросиос (81) својата оставка ја објави за време на денешната литургија.

Тој е митрополит во Калаврит, јужна Грција, од 1978 година. Тој го привлече вниманието со поддршка на екстремно десничарската партија Златна зора, која сега е во распад.

Претходно оваа година, Амвросиос беше осуден на суд за говор на омраза против ЛГБТ-луѓето. Тој доби само условна казна од седум месеци затвор.

Минатата година тој изјави дека смртоносните пожари што ја зафатија околината на Атина, со стотици мртви, е „божја казна“ за тогашниот левоориентиран премиер Алексис Ципрас.