Грчки Пасок утре избира лидер на непосредни избори
Им шестмина кандидати, меѓу нив и поранешниот премиер Јоргос Папандреу
Грчката социјалистичка партија (Движење на промени – Пасок) одржува прелиминарни избори в недела на 5 декември за да го избере својот следен лидер. Исходот од гласањето може добро да одреди дали следната коалициска влада во Грција ќе се приклони кон лево или десно.
Шест кандидати се тркаат за раководството на партијата, вклучително и поранешниот премиер Јоргос Папандреу, европратеникот Никос Андрулакис и пратеникот Андреас Ловердос, кои се со најголема поддршка во анкетите. Сепак, ниту еден од нив не се очекува да победи на првото гласање, а се очекува и втор круг.
Поранешната лидерка на партијата, Фофи Генимата, почина во октомври по долг период на лекување од рак.
Пасок, официјалниот член на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), забележа колапс на нејзината популарност откако нејзината влада, предводена од Папандреу, се потпиша на првата програма за спас на земјата. Оттогаш, Пасок е заменет од владејачката десничарска партија Нова демократија (ЕПП) и главната опозициска левичарска партија Сириза (Левица на ЕУ).
Критичарите сугерираат дека идеолошката ориентација на следниот лидер на Пасок, исто така, ќе ги одреди идните владини сојузи и ќе ја претвори партијата во потенцијален владетел на идните избори.
Се смета дека Папандреу има симпатии кон поддршката на левите и прогресивните политички сили, додека Ловердос повеќе се приклонува кон десницата. Ловердос не ја признава Сириза како прогресивна партија.
Во меѓувреме, европратеникот Андрулакис не зазеде јасен став.
Според податоците собрани од „Европа избира“ за „Еурактив“, победата на СПД на германските избори и таканаречената коалиција „семафор“ со либералната ФДП и Зелените предизвикаа благ пораст на анкетите за другите социјалистички партии низ ЕУ.
„Мораме да изградиме прогресивни мнозинства секаде каде што е можно. Големата коалиција традиционално беше сојуз на последно прибежиште“, изјави за „Еурактив“ Удо Булман, главен преговарач на СПД во коалициските разговори за прашањата на ЕУ.
„Мораме да најдеме нови партнери во сојузот; нека се во либералниот спектар или лево за реформи, напредок и социјално-еколошки пресврт. Видовме дека големата коалиција може да доведе до ќор-сокак и пропуштени шанси, исто така и во европската сфера“, додаде тој.
Осврнувајќи се на Грција, Булман рече дека во последната деценија, таа помина низ повеќе кризи, а „прогресивните“ сили ѝ помогнаа на земјата да излезе од ќорсокакот.
„Конзервативната политика на штедење ги влоши многуте кризи низ кои мораше да помине Грција, и без прогресивците во водство, закрепнувањето немаше да биде можно“, рече тој.
Грција официјално излезе од спасувачката програма кога на власт беше поранешниот левичарски премиер Алексис Ципрас (Сириза). Ципрас рече дека има за цел да создаде сојуз со сите прогресивни сили во земјата. (Еурактив)