Грчката Влада воведe нови рестриктивни мерки


Откажување на Меѓународниот саем во Солун; работно време до полноќ за кафулиња и ресторани во неколку делови на Грција; задолжителен негатвен тест за пристигнување од  одредени земји, како и од копнените граници, се дел од новите мерки на грчката Влада.Алтернативната портпаролка на грчката Влада Аристотелиа Пелони ги соопшти одлуките донесени на денешниот состанок за Ковид-19 на премиерот Кирјакос Мицотакис со надлежните министри и епидемиолозите.

Нема да се одржи Меѓународниот саем во Солун планиран од 5 до 13 септември на кој оваа година Германија требаше да биде почесна земја, а традиционалниот говор на премиерот ќе биде пред ограничен број присутни.

Една од шестте мерки соопштени попладнево е и забрана за работа на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично од полноќ до седум часот наутро на островот Крит, во регионот источна Македонија и Тракија, во Солун, Лариса, Волос, Катерини, на Халкидики, како и на островите Крф, Миконос, Парос, Санторини, Родос, Андипарос, Закинтос и Кос.

Забраната стапува во сила утре,  ќе важи до 23 август, а како што рече Пелони, во зависност од текот на епидемиолошките податоци, забраната може да се прошири и во други делови на земјата.

Во цела Грција, паралелно се откажуваат и сите јавни манифестации на кои присутните стојат, вклучувајќи ги и концертите и претставите.

Во однос на туристите, за сите оние кои од 17 август ќе пристигнат во Грција со летови од Шведска, Чешка, Белгија, Шпанија и Холандија, задолжителен е негативен молекуларен тест ПЦР направен 72 часа пред патувањето.

Истото важи и за сите оние кои од 17 август ќе влезат во Грција преку копнените граници, вклучително и грчките граѓани и оние кои имат дозвола за престој, а тестот треба да биде направен во земјата од која што влегуваат, а не во Грција.

Пелони, дополнително соопшти дека од 16 август, преку граничниот премин Какавиас со Албанија дневно ќе биде дозволен влез на намногу 750 лица.