Грчката Влада со нови мерки за справување со зголемениот бран бегалци и мигранти


Зголемен надзор на границите, спојување на децата без придружба со нивните семејства во ЕУ, пренесување на бегалци и мигранти од островите во други центри, промена во процесот за доделување азил, се дел од мерките што денеска беа донесени на вонредниот состанок на владиниот совет за надворешна политика и одбрана на Грција одржан во премиерската палата.

Од грчките острови 116 деца без придружба, за да се поврзат со нивните семејства, ќе бидат пренесени во други земји од Европска Унија, со кои веќе постои соодветен договор. Во следните седмици 250 деца без придружба ќе бидат префрлени во безбедни центри во Грција, а планирано е истото да се направи и за други бегалци и мигранти со цел да се намали бројот на оние што се на островите.

На денешниот вонреден состанок на Советот било одлучено и да се зголеми надзорот на границите во соработка како со Фронтекс, така и со европските власти, но и со НАТО. Во овој контекст ќе се усвои Националниот интегриран систем за поморски надзор, систем кој ги поврзува системите за надзор на крајбрежната служба и армијата преку употреба на нови технологии (обични и термички камери, дронови и слично).

Планирана е промена и на институционалната рамка во процесот на добивање азил односно укинување на второстепеното разгледување на барањето, со цел „во случај да се одбие барањето за доделување азил, веднаш да започне процедурата за враќање на барателот во земјата од која што дошол“. Паралелно ќе се зголеми и контролата на полицијата за пронаоѓање на мигранти кои побарале азил, но биле одбиени.

Грчката Влада веднаш ќе набави 10 нови мали чамци за брза реакција доколку се забележи пренесување на бегалци и мигранти од криумчари кои тргнуваат од турското крајбрежје кон грчките острови.

Последната од седумте денешни одлуки на владиниот совет за надворешна политика и одбрана е поддршка на локалното население со инфраструктура и персонал, како на пример зајакнување на медицинскиот персонал на островот Лезбос.