Грчката Влада со 115 милиони евра ќе ги поддржи авиопревозниците

Илустрација

Со специјална рамка во висина од околу 115 милиони евра, која содржи пет конкретни мерки, грчката Влада ќе ги поддржи авиопревозниците кои бележат загуби поради пандемијата на Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерствата за финансии, труд и социјални работи и инфраструктура и транспорт на Грција, преку заедничко соопштение велат дека конкретниот сектор, што е директно поврзан со туризмот, а индиректно со други сектори на економијата (угостителство, забава, трговија во туристичките региони и слично) се однесува на 306 компании и 11.000 вработени.

Истакнуваат дека меѓу 82 и 85 отсто од вкупно 18 милијарди евра годишен приход од туризмот, доаѓаат од туристите кои авионски ја посетуваат Грција.

Специјалната рамка, соопштена од трите министерства, предвидува вклучување на секторот во хоризонталните мерки за поддршка што се веќе имплементирани во повеќе сектори и кои ќе продолжат и во следните месеци, како што се попуст од 40 отсто за кириите за бизнисите, надомест за вработените.

Планирано е  вклучување во специјалната програма за периодот 15 јуни – 31 декември 2020 година што предвидува субвенција за сите придонеси за осигурување (на работодавачот и вработениот) за временскиот период во кој вработените принудно не работеа.

Третата мерка предвидува посебна стапка од 15 отсто за данокот на приход за членовите на екипажот, што ќе донесе намалување на трошоците на авиопревозниците за исплата на платите и заштеда од  7,7 милиони евра годишно.

За редовните летови на кои им била наметната обврска за извршување јавни услуги, ќе им биде исплатен дополнителен надомест, за април и мај во износ од 20 евра по понудено место плус ДДВ.

Последната мерка е намалувањето на ДДВ-то од 24 на 13 отсто, кое веќе го соопшти грчкиот премиер минатата седмица и ќе биде во сила од 1 јуни до 31 октомври 2020 година.