Грчката Влада ја презентираше националната стратегија за справување со врсничко насилство и малолетничка деликвенција


Националната стратегија за справување со врсничко насилство и малолетничка деликвенција за периодот 2025-2030 година, што вклучува политики за заштита на децата, иницијативи за справување со зависноста од интернет, активности против училишното заплашување, денеска беше презентирана од надлежните министри од грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за 29 нови политики и 69 активности, што вклучуваат десет министерства, а една од главните алатки што се воведува е апликацијата „Kids Wallet“, која и официјално беше претставена, а на родителите им дава можност да постават ограничувања во користењето на социјалните медиуми од страна на децата.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис утрово учествуваше на презентацијата на Националната стратегија и ја истакна важноста на планот, а паралелно се осврна на она што досега го има воведено Владата, како што е платформата „Stop bullying“ за пријавување на врсничко насилство, „која веќе има евидентирано повеќе од 1.000 случаи“.

Една од главните алатки што ги воведува грчката Влада е апликацијата „Kids Wallet“, која родителите можат да ја инсталираат на мобилниот телефон на децата и да постават ограничувања во користењето на социјалните мрежи, па дури и целосно да ги блокираат.

Дополнително, содржи потврда за возраст на детето, но истовремено ја задржува и приватноста, односно родителите нема да имаат можност, на пример, да ги следат пораките што ги испраќаат децата

Апликацијата, исто така им овозможува на родителите лесен пристап до детални статистички податоци за времето што детето го поминува на секоја платформа на социјалните мрежи.

– „Kids Wallet“ е апликација која на родителот, во соработка со детето, му дава можност, не да ја контролира содржината на она што го прави онлајн, туку да го ограничи времето или евентуално да блокира одредени периоди во кои детето не може да пристапи до одредени апликации. А во исто време, функционира како алатка за дигитална проверка на возраста на корисникот, нешто што ќе ни биде исклучително корисно во понатамошните дискусии што ќе ги водиме со самите платформи, истакна Мицотакис.

Грчкиот премиер, дополнително посочи дека сето она што тие го планираат како Влада за заштита на децата, не може да се постигне без учество на семејството и родителите.