Грчката претстава „Траги од Антигона“ онлајн на МОТ


По синоќешното отворање, 45. Млад отворен театар денеска продолжува со две претстави на програмата – од 19 часот во Универзална сала ќе има втора изведба на перформансот „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“ со кој вчера почна фестивалот, а од 20 часот онлајн ќе биде прикажана грчката претстава „Траги од Антигона“ на ОДЦ Ансамбл.

Како што соопшти Младинскиот културен центар, организатор на МОТ, „Траги од Антигона“ во режија на Ели Папаконстантиноу  е дигитално шоу во живо кое комуницира со публиката. По подигнување билет, публиката добива информации за тоа како може да учествува во претставата.

Грчката режисерка препознатлива по мултидисциплинарните перформанси со различни уметнички форми, по многу светски фестивали и освоени награди, ја користи состојбата со коронавирусот за нова креација.

– „Траги од Антигона“, пребојување на античкиот мит за Антигона, доаѓа како непосреден одговор на глобалното затворање поради коронавирусот и тековниот дијалог за тоа што значи присуството (и отсуството). Првпат во поновата историја изолацијата веќе не е женска состојба. ОДЦ Ансамбл во круг на жени истражи целосно нов изведувачки јазик што можеме да го наречеме „театар на изолација“, соопшти МКЦ.

Претходно, од 19 часот, е втората премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“,  копродукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат.

– Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта…, наведува Младискиот културен центар.

Билетите се во ограничен број и достапни само преку bileti.mkc.mk. Oнлајн-претставите на МОТ се бесплатни, но е задолжително со билети.