Грчева: Имаме професори кои нудат застарени знаења, а не знаат ни странски јазик


Фото: Б. Грданоски

Министерството за образование и наука формира Национално координативно тело за реформи во високото образование чија цел ќе биде преку инклузивен процес да направи план како да се подобри квалитетот на високообразовниот систем во Македонија, односно кои мерки треба да се преземат во иднина за да се достигнат повисоки образовни стандарди. Првичните резултати на ова тело ќе бидат видливи за година и половина отсега.

Денеска се одржува конститутивната седница на Националното координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот, каде присуствува и министерката за образование и наука Весна Јаневска, а изјава даде и националната координаторка за реформи во високото образование Солза Грчева.

Според грчева имем премногу универизтети, премногу студиски програми, кои на крај даваат студенти кои завршиле факултет, а немаат оформено струка.

– Сите ги боли нашето слабо образование, слободно можам да кажам, поради коешто заминуваат студентите надвор. Нашето образование измерено во однос на многу европски земји, но за жал, и во опкружувањето балканско, рангира многу ниско – вели Грчева.

Затоа е формирано ова тело кое треба да ги канализира сите напори, на сите институции и да нѐ доведе до една заедничка цел, а тоа е квалитетно образование, европско образование. Појасни дека постојат разни проекти, во разни институции коишто работат во оваа насока, а ова тело само ги сублимира нивните резултати и ефекти. 

– Работиме многу сериозно на системски проблеми, на пример, како тоа се доведовме во ситуација да имаме најголем број на универзитети, приватни и државни, во една толку мала земја. Како тоа се доведовме во ситуација да имаме најголем број студиски програми, а студентите кои завршуваат факултет немаат оформено струка, значи не можат да бидат примени, апсорбирани, веднаш од стопанството, како се доведовме до тоа да сите се запишуваат на таканаречени академски студии, а универзитетите да не покажуваат интерес да отвораат таканаречени куси професионални студии, кадешто нема потреба студентот и неговото семејство да трошат пари за петгодишни студии – рече Грчева пред почетокот на седницата.

Друга суштинска реформа на којашто се работи, рече Грчева, е да се заострат критериумите за напредување во наставно-научни звања.

– Ние имаме огромен број на редовни професори, затоа и немаме подмладок на факултетите, бидејќи целиот буџет се апсорбира кај овие повисоки звања на професори со сомнителни резултати, затоа што се унапредиле со сомнителни резултати. Таквите професори ни оневозможуваат да ги развиеме програмите, да речеме како Еразмус +. Бидејќи Еразмус + не е еднонасочна улица во којашто нашите ќе се иселуваат, ќе одат по разни универзитети, а кај нас нема да доаѓаат странски студенти, зошто, затоа што имаме професори коишто нудат застарени знаења, коишто честопати и не знаат странски јазици итн. – додаде Грчева.

– „Ќе ја проверуваме законитоста на работата на установите, исполнетоста на условите
за работа, ќе направиме ревизија на квотите за упис на факултети, стимулација на
унапредувањето на студиските програми и креирање интердисциплинарни студиски
програми. Ќе поддржиме поврзување со бизнис заедницата, поголема меѓународна
соработка и учество во програми за образование, наука и истражување и така натаму“,
посочи Јаневска, изразувајќи благодарност до сите што ја прифатија иницијативата и
се вклучуваат во работата на телото – рече Јаневска.  

Таа информираше дека во Македонија има повеќе од 40 високообразовни установи – универзитети, институти и високи школи кои, како што рече, за жал, не покажуваат квалитет и состојбите мора да бидат променети.

Со Националното координативно тело ќе раководи министерката за образование и
наука. Има и заменик претседател, како и 30тина други членови, нивни заменици и
лица за административно – техничка поддршка. Телото ќе има обврска на секои шест
месеци да доставува извештај за работата до Владата.