Грбот на Италија и грбот на Македонија – кој е поубав?

Италијанскиот грби има многу слична структура како македонскиот. Италијанците се горди на него, а владата екстензивно го користи


 

Високиот член на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, ги засили шумолењата на промена на националниот грб тврдејќи оваа агенда на неговата партија не била поврзана со обид за дефокусирање на јавноста поради економската криза и неможноста владата да се справи со инфлацијата. Ниту пак дека тоа било поврзано со некои избори. 

Милошоски вели дека Македонија не треба да остане во друштво на Белорусија, Таџикистан или Ангола. Тие, според него, имале советска симболика на државните грбови.

„Македонија има и добро историско наследство кое може да ги поврзе и АСНОМ и илинденскиот период и претходните периоди и тоа да се отслика во современ државен грб кој би бил подобар и би ги одразувал на поквалитетен начин определбите на Македонија и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави“. И дека би било добро да се отвори дебата на таа тема со „објективни аргументи“.

Тој ѝ даде предност на дебатата за грбот во однос на целосната неизвесност во Европа по чекорите на новата администрација на Доналд Трамп, особено околу можниот мир во Украина, вклучувањето на агресорот Владимир Путин во мировните преговори и исклучувањето на Европа масата за склучување договор за војната што се води на нејзина почва. А уште помалку за страшниот предлог на Трамп да ги исели Палестинците од Газа и САД да ја преземет нивната територија. За тоа, Македонија, како да не треба да има став, како ни за својот пат кон ЕУ. Промената на грбот треба да биде понапред од сите теми.

Има една голема држава во Европа – Италија, која има сличен грб како македонскиот, со речиси иста хералдичка структура. Но заговорниците за промена на грбот неа не ја споменуваат.

Во италијанскиот грб (во Италија се нарекува амблем) доминира петокраката ѕвезда. Во мај 1948 година, републиканска Италија го доби својот амблем на крајот на креативниот процес кој траеше 24 месеци, имаше два јавни конкурси и вкупно 800 скици поднесени од околу 500 граѓани, уметници или аматери.

Како бил избран италијанскиот грб? Еве што наведува палата Квиринале, т.е. претседателството на Италија.

„Процесот започна во октомври 1946 година, кога владата предводена од Алчиде де Гаспери формираше ад хок комисија да го проектира идниот амблем како плод на заеднички напор кој требаше да биде што е можно поширок. За таа цел, беше одлучено да се објави јавен конкурс отворен за сите граѓани, базиран само на неколку елементи: апсолутно исклучување на партиски симболи, вклучување на Ѕвездата на Италија и ‘инспирација од суштината на земјата и општините’.

Амблемот на Италијанската Република се карактеризира со три елементи: ѕвезда, запчаник и маслинови и дабови гранки.

Маслиновото гранче ја симболизира волјата на нацијата за мир, опфаќајќи го и внатрешниот договор и меѓународното братство.

Дабовата гранка што ја обиколува десната страна на амблемот ја отелотворува силата и достоинството на италијанскиот народ. Покрај тоа, и двете растенија се едни од најтипичните за италијанските шумски видови.

Челичниот запчаник ја симболизира работата и го претставува првиот член од Уставната повелба: ‘Италија е демократска република, заснована на работа’.

Ѕвездата е еден од најстарите амблеми на италијанската иконографија (од грчко-римската традиција) и отсекогаш била поврзана со персонификацијата на Италија, крунисувајќи ја главата со својот светол сјај“.

Македонскиот грб е усвоен во 1946 година. Во него, слично на италијанскиот се истакнуваат елементите кои се дел од наследството и традицијата на луѓето што живеат во Македонија. Прво, сонцето со осум краци, река, планини, класје, афион, везот. Грбот ги исклучува партиските симболи. Црвената ѕвезда на врвот, која можеше да се протолкува како идеолошко обележје, е исфрлена од него во 2009 година. Наводно, него го направил познатиот сликар и сценограф Василие Поповиќ – Цицо.

Во хералдичките кругови македонскиот грб повеќе се карактеризира како амблем. И во Италија грбот се нарекува амблем и него владата екстензивно го користи. Македонија до крајот на Втората светска војна не постоела како држава и првиот нејзин грб ги отсликува карактеристиките на нејзината територија. Генерации и генерации на македонски граѓани се идентификуваа со овој грб. (Н.В.)