Грант од еден милион евра за реформа на МЖ Транспорт


Владата има јасна визија за целосна трансформација на железничкиот сообраќај во државата, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на потпишувањето на Договорот за грант со директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.

Станува збор за грант во вредност од еден милион евра, кој ќе биде наменет за поддршка на реформите и преструктуирањето на МЖ Транспорт, со цел создавање функционално и одржливо претпријатие.

Николоски истакна дека Владата наследила претпријатија кои биле на работ на пропаст, но дека денес состојбата е значително подобрена.

„Имаме карго-сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме зголемување на бројот на патници, крупни инвестиции во изградба на нови пруги и водиме политика на развој на железницата како срцевина на економијата“, рече Николоски.

Тој посочи дека најпрво биле направени законски измени со кои било спречено затворањето на МЖ Транспорт, а потоа започнал процесот на внатрешни реформи, чии први резултати веќе се видливи.

Според него, паралелно со реформите ќе се реализира и набавка на нови возови, како и најмалку пет електрични локомотиви, кои ќе придонесат за натамошен развој на карго-сообраќајот.

Во однос на инфраструктурните проекти, Николоски најави дека првата линија од Градскиот воз е во завршна фаза, а годинава се очекува да бидат распишани тендерите за втората и третата линија, кои треба да бидат завршени до крајот на 2027 година или во првата половина на 2028 година.

Тој додаде дека активно продолжува реализацијата на железничкото поврзување со Бугарија, како и подготовките за изградба на западното крило на Коридорот 8 и брзата пруга на Коридорот 10.

Николоски ѝ се заблагодари на Светска банка за грант средствата и за континуираната поддршка што ѝ ја дава на Македонија.