„Гранит“ со порака до сите над 1.500 вработени: Никој нема да остане без работното место


„Гранит“ и во вакви услови на рестриктивни мерки продолжува со работа – сите постојни градилишта се активни, а компанијата ја организираше работата согласно условите

Во овие тешки моменти менаџментот на Гранит одлучи дека нема да отпушти ниту еден од своите вработени, се вели во пораката на раководството на компанијата

 

Градежната компанија „Гранит“, преку посебно соопштение потпишано од генералниот директор Зоран Милковски, денес упати порака до сите над 1.500 вработени дека никој од нив нема да остане без работното место, вклучувајќи ги и сезонските работници. Во овие неизвесни времиња ова е извонреден гест, кога една голема компанија застанува зад она највредното – човечкиот капитал.

„Иако се соочуваме со големи тешкотии за работа во услови на вонредна состојба и пандемија, ‘Гранит’ како најголема и најстабилна градежна компанија во Македонија со над 1.500 вработени, продолжува со изведување на градежните работи со лимитирани ресурси, скратено работно време и зголемени мерки и активности за заштита на вработените согласно препораките и уредбите на Владата и Светската Здравствена Организација.

Во овие тешки моменти менаџментот на ‘Гранит’ одлучи дека нема да отпушти ниту еден од своите вработени. Сите договори за вработување на нашите вработени кои истекуваат во овој период ќе бидат продолжени согласно законите на Република Северна Македонија, порача директорот Милковски, во специјалната порака што компанијата ја објави и на нејзината интернет страница.

„Пораката е за нашите вработени, да знаат дека се на сигурно. Во последно време сведоци сме на секакви информации дека има толку и толку пријавени во Агенцијата за вработување, па претпоставувам дека на сите им е страв за работните места. Јас навистина мислам дека имаме сила да го пребродиме овој период“, вели за Независен.мк, директорот Милковски.

Во услови на пандемија со корона вирусот и градежните компании мора соодветно да ја организираат работата на градилиштата

Гранит“ и во вакви услови на рестриктивни мерки продолжува со работа – сите постојни градилишта се активни, а компанијата ја организираше работата согласно условите. Така, дел од административните работници чии работни места се во дирекцијата сега работат од дома со помош на адекватен софтвер.

„Кризата ни покажа дека многу од работите можат да се организираат и поинаку“, вели Милковски и во шега додава дека тоа се однесува пред се на состаноците.

Во услови на пандемија со корона вирусот и градежните компании мора соодветно да ја организираат работата на градилиштата. Тоа налага и посебна грижа за вработените, бидејќи доколку на некаде се појави барем еден кој е позитивен на вирусот, ќе треба да се затвори целото градилиште. Тоа е и најголемиот ризик за нив.

Покрај ова, Милковски вели дека фактор на ризик, доколку кризата продолжи подолго време може да биде набавката на резервни делови за машините, но и на набавката на материјали, пред се на железни профили.

„Градилиштата се уште работат, сите вработени се добро. Но, ако не се нормализира целата ситуација во догледно време, може да има пречки од аспект на набавка на материјали“, вели Милковски.

Тој објаснува дека резервни делови за машините не се испорачувале цел месец, бидејќи доаѓаат од Германија и од Италија, а таму фабриките се затворени. Кај железото што се набавува од Грција, исто така можат да настанат проблеми доколку не стивне пандемијата. Во транспортот има ограничувања, бидејќи возачот на камионот откако ќе го заврши транспортот мора да биде во самоизолација две недели, што значи еден воизач може да вози еден камион на две недели, а тоа за компанија како „Гранит“ не е големо количество. Милковски е оптимист и верува дека кризата ќе се надмине во мај.

„Имаме акумулирано резерви, затоа фирмата успешно работеше. Таман работа ако не може да издржиме неколку месеци“, вели тој.

Претпоставка е дека работите ќе се вратат во нормала, но за вработените е важна пораката која ја упати компанијата.

„’Гранит’ е многу децентрализиран. Нашите работници се од различни градови и работат низ целата држава, така што тие немаат секој ден контакти со дирекцијата, не знаат што се случува, што се разговара… Токму затоа и ваквата порака до сите нив“, вели Милковски.

„Гранит“ работи на повеќе проекти каде што инвеститор е Јавното претпријатие за државни патишта, кои според најавите на одговорните од ова јавно прептијатие ќе продолжат да се реализираат во текот на целата година.

„На сите овие проекти работите се одвиваат, тие се финансирани од заеми од меѓународни институции, како ЕБРД, Светска банка и тн, и тие средства се наменски. Така што, не очекувам никаков ризик“, вели тој. Во моментов се работи на делницата од експресниот пат Ранковци – Крива Паланка, потоа на рехабилитација на делот од Крива Паланка од граничниот премин Деве Баир, кои заедно се околу 30 милиони евра.

Исто така „Гранит“ работи и на магистралниот пат Штип – Кочани, ги довршува работите кај Миладиновци, потоа на гасоводот кај Битола, ангажирани се и како подизведувачи на автопатот Кичево – Охрид и тн.

„Во овој момент се работи секаде и тоа е многу добро“, вели Милковски.

Колку кризата ги спречува компаниите да се натпреваруваат и за тендери во други држави, односно да работат на странските пазари? Милковски вели дека тендерите се одложуваат. Таков е на пример во Босна и Херцеговина, кој е пролонгиран за два месеци.

„Гранит“ инаку е една од десетте компании кои го формираат берзанскиот индекс МБИ 10. Според податоците објавени на Берзата, компанијата лани оствари вкупен приход од редовните активности во износ од 4,8 милијарди денари, оперативната добивка беше 286 милиони денари, а добивката по оданочување 304 милиони денари. Во досегашното речиси 70 годишно постоење, компанијата учествуваше во изградбата на значајни капитални објекти – автопатишта, патишта, аеродроми, на административни и државни објекти, станбени објекти, како и на брани, мали хидроцентрали на домашниот и на пазарите во странство. (М.Ј.)