„Гранит“ ќе ја гради обиколницата на Тетово, од клучката „Требош“ до Непроштено

Целта е пренасочување на тешките товарни возила како и транзитниот сообраќај од Косово кон Гостивар, Кичево, Охрид, и ГП „Ќафасан“


Градежната компанија „Гранит“ соопшти дека ќе ја гради обиколницата на Тетово, од клучката „Требош“ до Непроштено. Оваа информација беше споделена преку Македонската берза, каде што „Гранит“ е една од котираните компании.

„Согласно член 33 од Правилата за котација известуваме дека ГД ‘Гранит’ АД Скопје на ден 19.09.2023 година склучи договор со Јавно претпријатие за државни патишта за Изградба на обиколница на Тетово преку клучка Требош до Непрошетно ( фаза 1 )“, се вели во информацијата на  компанијата. 

Притоа се додава дека вредноста на договорот со вклучен ДДВ изнесува 752.077.712 денари (околу 12,2 милиони евра).

Инаку, во Програмата за изработка на проектната долументација за изградба на обиколницата на Тетово преку клучката „Требош“ до Непроштено од март 2021 година, се вели дека планираната обиколка на Тетово ќе биде дел од патната мрежа на Македонија и започнува од државниот пат А2 (автопатска делница Скопје – Тетово) кај с. Требош, а завршува на државниот пат Р1203 (Тетово – Јажинце), кај с. Непроштено.

Со изградба на делницата ќе се изврши прекатегоризација на планираната обиколница на Тетово (северна обиколница) која ќе биде дел од регионалниот патен правец Р1203. Делницата од Непроштено до Тетово ќе биде отстапена на локалната самоуправа, се вели во овој документ на ЈП за Државни патишта.

Целта е пренасочување на тешките товарни возила како и транзитниот сообраќај од Косово кон Гостивар, Кичево, Охрид, и ГП „Ќафасан“, кои во овој момент ги користат сообраќајниците во градот, кон обиколницата.

Оваа делница беше дел и од кампањата за последните локални избори. Во 2021 година, тогашната кандидатката од редовите на ДУИ Теута Арифи, која се бореше за втор мандат за градоначалничка на Тетово, заедно со кандидатите за советници ги промовираа проектите, меѓу кои беше и обиколницата со цел да се избегне сообраќајниот метеж.

На интернет страницата на Министерството за транспорт и врски може да се најде целокупната документација за овој проект, чиј нарачатаел е ЈП за државни патишта, а изработен од Градежниот институт Македонија, каде што на 451 страница се презентирани елаборати, урбанистички проект, мапи и податоци, како и сите други неопходни документи за реализација на обиколницата. Документот носи датум од март 2023 година.

Обиколницата не е дел од коридорите 8 и 10Д, туку станува збор за независен проект.

За обиколницата се зборуваше уште во 2004 година, кога Собранието донесе одлука за Услови за планирање на просторот, каде што меѓу другото се зборува и за изградба на обиколница на Тетово од клучката „Требош“ до Непроштено, при што се наведува дека должината на планскиот опфат изнесува 5,54 километри.