Граничниот премин Прешево-Табановце дневно го поминуваат 24.000 возила


Фото: Б. Грданоски

За 24 часа на граничниот премин Прешево-Табановце во двата правца поминале околу 24.000 возила, јави Данас, повикувајќи се на извори во Граничната полиција на Србија.

На граничниот премин Прешево на излез од Србија кон Северна Македонија во вторникот попладне се чекаше од 60 до 90 минути, а најголемите редици беа на влезот во Србија од правец на Северна Македонија.

Како што соопшти АМСС на патничките терминали на граничните премини на излез од Србија, на преминот Прешево денес се чека 30 минути.

Граничната полиција на Србија советува пред тргнување на пат да се провери состојбата на преминот Прешево преку АМСС и камерите на МВР, а во случај на метеж да се користи алтернативниот граничен премин Прохор Пчињски.

Деновиве на граничниот премин Прешево-Табановце на излез од Србија се отворени 12 пунктови, а на влез од правец на Северна Македонија функционираат седум пунктови.

Граничниот премин Прешево е интегриран и не постои меѓузона.