„Гранде“ Пандев ги воодушеви Италијанците, пофалби од сите страни за неговиот настап


Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, вчера со фантастична асистенција придонесе за Џенова да освои бод на тешкото гостување кај Наполи.

Нашиот најдобар фудбалер во финишот од првото полувреме фантастично го проигра Дарко Лазовиќ, кој ја затресе мрежата на домаќините за 1:1, што на крајот се испостави како конечен резултат на натпреварот.

По новото одлично издание, никој не остана рамнодушен на „Гранде“ Пандев. Неговиот соиграч Стефано Стураро, кој предвреме го заврши натпреварот поради црвен картон, по мечот даде изјава со која го опиша искуството на Пандев и неговото значење за тимот на Џенова.

„Пандев е единствениот шампион во нашиот тим, тој е единствениот кој може да направи разлика на теренот во било кој момент. Ние се обидуваме да му го овозможиме да го прави тоа на најдобар можен начин“, изјави Стураро.

Пофалби за популарниот Гоче имаше и од неговиот тренер Чезаре Прандели, некогашниот селектор на репрезентацијата на Италија.

„Овие момци работат напорно и заслужуваат многу повеќе од актуелната состојба. Горан Пандев беше стартер наовој натпревар и доби нова позиција и улога во тимот, но и покрај тоа неговиот настап беше импресивен“, изјави Прандели.

Ниту навивачите, и тоа на двата тима, не останаа имуни на настапот на нашиот Пандев. Така, навивачите на Наполи со аплаузи и стоечки овации го испратија Пандев во 62 минута од мечот кога беше повлечен од игра, покажувајќи дека не го заборавиле неговиот придонес додека играше на „Сан Паоло“ во периодот од 2011 до 2014 година, чест која претходно ја имаше и на „Сан Сиро“ од страна на навивачите на Интер како благодарност за неговите настапи во историската сезона кога ја освои тројната круна под водство на Жозе Мурињо.

По мечот, пофалби пристигнаа и од навивачите на Џенова кои Пандев го нарекоа „џентлмен со 36 години кои и денеска може да им предава фудбал на останатите ‘деца’. Тој со неговата желба е срцето и силата на тимот. Вистински симбол за сите играчи“.