Гран-при за грчкиот филм „Ветеран“ на фестивалот Киненова


Двете меѓународни жири-комисии ги соопштија наградените филмови во сите натпреварувачки категории на петтото издание на Меѓународниот филмски фестивал „КИНЕНОВА 2020“.

Главното фестивалско жири, составено од полскиот режисер Кшиштоф Зануси како претседател, Драгомир Шолев, режисер од Бугарија и Керем Ајан, актуелен директор на Истанбулскиот филмски фестивал, одлучи во категоријата „Меѓународна конкуренција“, наградата Гран-при за најдобар филм на фестивалот да ја додели на грчкиот филм „ВЕТЕРАН/DEFUNCT“ на Захаријас Мавридис.

-Филмот „Ветеран“ може да се опише дури и со еден епитет – ова е суптилен филм, сликајќи го на филигрански начин деликатниот однос помеѓу генерациите, помеѓу минатото и совремието, се вели во образложението на жирито.

Во истата категорија, награда за најдобра режија доби филмот „МАРЈАМ“ на Шарипа Уразбајева од Казахстан за, како што се наведува, многу доследниот стил, одбегнувајќи ги сите стапици на патетика и сентиментализам, сликајќи ја многу строгата и сурова човечка природа и на тој начин вовлекувајќи ги гледачите во приказната, што е восхитувачки според жирито.

 

Наградата за најдобро сценарио му припадна на филмот „СУПЕРНОВА“ на Бартош Крулик од Полска.

-Ова е филм каде што еден случаен смртен случај во сообраќајна несреќа со автомобил е прикажан како космичка катастрофа со што овој филм има една висока спиритуална димензија, но и импресивна стилска уедначеност, се наведува во образложението на жирито.

Во категоријата „Меѓународна конкуренција на куси филмови“, жирито составено од Ален Дрљевиќ, режисер од Босна како претседател, Стефан Арсенијевиќ, режисер од Србија и Ана Дишлиеска Митова, директорка на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје, одлучи наградата за најдобар филм од Меѓународната конкуренција на куси филмови да ја додели на два филма, на македонскиот филм „Налепница“ на Ѓорѓи Унковски и „Излегуваш ли надвор“ на Инес Јокош од Хрватска.

Специјална награда жирито додели на филмот „Медитеран“ на грчкиот млад режисер Димитрис Анагносту.

Истото жири ги додели и наградите за натпреварувачката програма на македонски куси филмови, каде наградата за најдобар македонски кус филм ја доби македонскиот филм „Без љубов“ на Дина Дума, а специјалната награда на жирито отиде отиде кај филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леон Ристов.

Директорот на Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА Небојша Јовановиќ изјави дека фестивалот оваа година ги надмина сите бариери и се справи со предизвиците преку фестивалски продукт направен од чиста љубов кон седмата уметност и кон оние кои незапирливо ја креираат.

-Преку телевизискиот формат, во услови на светска криза со КИНЕНОВА ја доближивме врвната филмска уметност до најширок аудиторум и ја направивме многу подостапна, што и беше наша главна мисија, изјави Јовановиќ.

Програмскиот директор на КИНЕНОВА, Игор Анѓелков изјави дека КИНЕНОВА најде начин и успеа да се одржи со одлична програма која што се емитува на ТВ24.

Програмата на Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА за оваа 2020 година се емитува од почетокот на октомври на Телевизија 24. По барање на гледачите, програмата ќе продолжи да се емитува и во ноември. Распоредот на филмовите и целокупната програма можете да ја проследите на следниот линк: http://kinenova.com/wp-content/uploads/2020/10/Film-Schedule_KINENOVA-2020.pdf. мд/