Граматковски: Хидроакумулацијата „Стрежево“ спас за Пелагонија и Битола


Хидроакумулацијата „Стрежево“ со која стопанисува истоименото јавно претпријатие, летово со вода ги спасува Битола и Пелагонија, изјави за МИА, генералниот директор на ЈП „Стрежево“, Методија Граматковски.

Со вода од акумулацијата се снабдуваат околу 40 населени места во општините Битола, Могила и Новаци со по 560 литри во секунда, а главниот канал е максимално исполнет со 9 кубни метри вода, потврди Граматковски.

-Во акумулацијата која е полна има повеќе од 72 милиона кубни метри вода. Во главниот канал има вода од околу 9 м3, сите цевководи се полни и се испорачува вода на околу 20.000 хектари земјоделски површини во Пелагонија со што директно помагаме за зголемено производство на домашна храна. Но исто така непречено испорачуваме вода за РЕК Битола, за идустриските капацитети и други помали капацитети и сточарски фарми, истакна Граматковски.

ЈП „Стрежево“ испорачува вода за пиење на ЈКП „Водовод“ – Битола и во овој период бараните колични достигнуваат и до 560 литри вода во секунда.

-Апелираме за рационално трошење на водата. Се соочуваме со исклучително сушна година проследена подолг период со екстремно високи и натпросечни температури. Апелираме до водокорисниците, водата предвидена за наводнување на земјоделски култури да ја трошат строго наменски, односно без непотребно трошење и нормална употреба на водата, согласно нивните потреби, нагласи Граматковски.

Од ЈП „Стрежево“-Битола посочуваат дека екипи на претпријатието се постојано на терен и спроведуваат акции за откривање на водокорисници, кои вршат енормна потрошувачка на водата или недомаќински се однесуваат кон овој скапоцен ресурс.