Граѓаните собрале 273 илјади пластични шишиња и ги донирале поените за СОС Детското село преку системот на Пакомак


Пакомак денеска соопшти дека во 2024 година граѓаните селектирале 273.000 пластични шишиња и лименки во системот на повратни вендинг машини на оваа компанија, со цел донирање на средства за потребните на СОС Детското село. Како што посочуваат од компанијата, собраните шишиња и лименки ги претвориле во денарска противвредност во износ од 120.000 денари и се наменети за истата цел, за потребите на СОС Детското село.

Донацијата беше направена преку мобилната апликација „ЕкоМак“, каде корисниците добиле можност со нивните „зелени поени“, добиени со селективно одложување на отпадот во повратните вендинг машини, да купат ваучери со кои ја поддржуваат работата на СОС Детското село.

-Би сакал во името на Пакомак да им се заблагодарам на сите граѓани кои и оваа година решија да донираат за поддршка на СОС Детското село, со цел да се обезбеди подобра заштита за ранливата група на деца без родителска грижа. Машините кои што ги поставуваме со поддршка на Швајцарската амбасада во иднина ќе ги има во се поголем број, а со нивната напредна технологија на наше задоволство ни овозможуваат да реализираме и вакви активности , изјави Ико Брдароски, заменик генерален директор во Пакомак.

Првата повратна вендинг машина беше поставена во Скопје во 2021 година, а оттогаш вендинг машини добија 15 градови, како Тетово, Прилеп, Куманово, Битола, Штип, Берово, Охрид, Струга, Кочани и други.

Како што посочуваат од Пакомак, корисниците на повратните вендинг машини наменети за одложување на амбалажен отпад за секое парче отпад оставено во машината добиваат по 1 зелен поен, кои потоа имаат можност да ги искористат за како бенефити во најголемите ланци на супермаркети во нашата држава, а во иднина се планира да се користат да добивање попусти при комуналии, услуги од јавен интерес и слично.

Преку подменито Ваучери, апликацијата „ЕкоМак“ дава можност и за донирање на зелените поени за СОС Детско Село.

-Нѐ радува долгогодишното стратешко партнерство и поддршка на работата на СОС Детско село од страна на ПАКОМАК, и уште повеќе што оваа организација директно ги ангажира и граѓаните за поголемо влијание и зголемување на свеста за екологијата. Голема придобивка за нас е што оваа кампања овозможува граѓаните преку рециклирање да направат двоен импакт; еколошки, за заштита на нашата околина и хуманитарен, за поддршка на згрижувачките семејства и децата згрижени во нив, изјави Јулијана Гапо, директор на СОС Детско село. бт