Граѓаните опиени од опиумот скриен на таваните


Стотици килограми сиров опиум, кај народот познат како катран, се претпоставува дека лежат скриени  низ државата. Пред шеесетина години, кога беше забрането производството на катран со образложение дека од него се прави дрога, многу газди што имале резерви од најквалитетниот сиров опиум во светот, го скриле „за не дај Боже“. Многумина завршиле во затвор поради продажба на катранот на црно, но има и такви кои во минатото опиумот и’ го дале на државата, но незадоволни се од цената што ја добиле за него. Катранот се’ уште е табу-тема,  а се шпекулира  дека многу новопечени бизнисмени станале газди токму поради бизнисот со катран.
Ниски цени за откуп
Семејствотоа на Диме Донов  од Кавадарци пред триесетина  години, како што кажува тој  за МИА,  во стара плевна во дворот нашло околу 28 килограми „катран“ и го пријавило во полиција. Државата тогаш за надомест им дала пари колку за неколку кутии цигари. Незадоволни од исплатената сума, случајот го дале на суд, но по неколку години влечкање по судовите не успеале да докажат дека заслужуваат повеќе пари. Вели дека платиле педесет пати повеќе за судењата,  отколку што зеле од продажбата на опиумот. Нивниот случај не добил епилог, но не кренале раце од потрагата по правда. Од мака, починал  неговиот татко.  За него, Диме вели  дека наместо награда за чесноста, добил болест. Му било криво што бил чесен, а државата се покажала нечесна кон него. По него умрела и неговата сопруга, мајката на Диме.
– Своевремено, се случи една ноќ на вратата да тропнат млади и да бараат катран. Мислеле дека е можно да имаме уште од катранот или, пак, биле пратени од полицијата. Многу луѓе со кои сум правел муабет ме прашувале „нема ли некоја топка катран малку од малку да подрипнеш на здрава нога“. Какви топки, со тоа чудо нема играчка,  вели овој кавадарчанец.
Тој нагласува  дека знае многумина што поради тешката финансиска состојба одлучиле да ризикуваат и да го продадат катранот на црно, но ризикот не им се исплатил, па лежеле во затвор. Сепак, некои од нив се збогатиле.
– Можевме да бидеме богаташи ако го продадовме опиумот, бидејќи две кила катран на црниот пазар вредат колку килограм злато. Сега одвај врзуваме крај со крај,  но барем живееме чесно, додава  Донов.
Во затвор од неинформираност
Средовечен кавадарчанец  одлежал три години затвор поради катран. Тој и неговите двајца пријатели за две пити суров опиум тешки 1,6 килограм,  добиле вкупно девет години затвор. Во изјава за МИА, вели  дека неинформираноста го пикнала в затвор.
– Како деца јадевме катран, оти знаевме дека тоа чудо служи за лек. Сме слушале дека некои биле уапсени за сиров опиум, ама не сме знаеле дека е тоа катран. Не знаев дека е тоа едно исто бидејќи не сме доволно информирани, додава тој.
Човекот  раскажува дека проблемите почнале кога со пријател од Неготино забележале како нивниот заеднички познајник, мариовец, со катран лекува нога на повредена овца. Тогаш неготинецот им рекол дека некој наставник од Неготино барал да купи катран за лек. Тројцата решиле да му го однесат опиумот на човекот, но тој ги пријавил во полиција. Кога завршиле на суд, сфатиле дека згрешиле и дека прескапо ја платиле грешката, иако првпат се судриле со законот. Кавадарчанецот  вели дека заедно со својата фамилија изминативе години преживувал  тешки моменти бидејќи останал без сигурната  работа што ја имал, но и без автомобилот  кој му  бил запленет бидејќи во него го пренесувале опиумот.
– Тешко ми е бидејќи на моите деца им велев да внимаваат да не се навлечат на криминал, а јас завршив во затвор бидејќи бев наивен, дециден е тој.
Македонскиот опиум најквалитетен
Македонскиот опиум е меѓу најквалитетните во светот, заедно со пакистанскиот и колумбискиот. Во минатото, македонските полиња тежеле од афион, кој од пристаништата во Велес и во Росоман со чунови по реките Вардар и Црна се транспортирал до Солун и во светот. Некои дури и името на Македонија го поврзуваат со макот од афионот. Платон Кулашевич во етимолошкиот речник на рускиот јазик дава повеќе верзии за потеклото на името Македонци, а една од нив ја поврзува за макот, семето од афионот. Според речникот, поимот Македонец е изведен од изразот „мак-јадин“, односно човек што јаде мак. Платон смета дека тоа не е случајно бидејќи поимањето за Македонецот како човек што се прехранува со афион го пренеле античките записи. Во еден од нив пишувало дека во Македонија житото не родило седум години, па Македонците јаделе само афион за да преживеат. Афионот е растение од кое се добиваат два производа: семе и чушки. Од чушките се прави катран, кој се користи за добивање морфиум, кодеин и други алкалоиди што се користат во фармацевтската индустрија, но и за производство на опојни дроги.
Пред 10 години запленети 16, годинава 100 килограми сиров опиум
Пред околу девет и пол години, полицијата пронајде и заплени  16 килограми сиров опиум. Опиумот, кај народот познат како катран и од кој се изработуваат опојни дроги, бил во форма на пити и бил пронајден заѕидан во надворешниот ѕид од  плевна во демикапиското село Прждево.  Газдите на куќата во чиј двор бил пронајден катранот, а кои важеа за чесни луѓе,  тогаш љубезно не’ пречекаа во дворот. Домаќинот ни кажа дека  неочекувано ги посетила полицијата и извршила претрес со судски налог. Биле изненадени кога полицијата го пронашла опиумот, бидејќи не знаеле дека во темелот на плевната имале такво нешто.
– Ех, да сме знаеле досега дека има такво нешто во плевната. Мака ми е што ми ги зедоа питите со катран, како да не ми е мака. Шеснаесет килограми. Мака ми е што ми го земаат без пари. Нека го земат за лекови, ама да ми го платат барем реално, рече  тогаш домаќинот возбудено. Неговата сопруга толку многу се потресла кога дошла полицијата и се онесвестила, па ноќта ја поминала во болница. Двајцата видно потресени ни раскажа дека биле вџашени од тоа што им се случило. Куќата ја наследиле од свекорот и свекрвата, а не знаеле кој го закопал катранот.
– Не знаеме ништо. Ова е чудо невидено. Ако знаев дека има такво нешто, нема да живеам во куќа со паднати стреи. Немам леб да јадам, сестро, во продавницата се запишувам,  рече тогаш  домаќинката. Од полицијата рекле дека катранот бил стар педесетина години. Прждевци беа  поделени во коментарите околу најновата случка со катранот во нивното село.  Раскажаа дека еден соселанец одлежал шест месеци затвор за еден и пол килограм катран што го продал на роднина. Прждевецот останал сиромав, а роднината  го продал катранот во странство и направил пари, па сега бил газда.
Од Министерството за внатрешни работи побаравме одговор на неколку прашања во врска со катранот. Верољуб Додевски, портпарол на Секторот за внатрешни работи Велес, потсети дека на трети април оваа година, во напуштена куќа во Кавадарци беа  пронајдени околу 100 килограми   сиров опиум – катран.
-За лица кои преработуваат или пуштаат во промет наркотични супстанции,  според Кривичниот закон на РСМ,  предвидена е затворска казна од најмалку пет години. Во последната година не се регистрирани граѓани кои пријавиле дека поседуваат сиров опиум како наследство во нивните семејства. Доколку има вакви пријави, истиот се одзема и комисиски се врши негово ништење, информираше Додевски за МИА.