Граѓаните не треба да бидат казнети поради возачките дозволи, вели Тошковски


Граѓаните кои ги немаат сменето возачките дозволи и регистарските таблички кои претстанаа да важат, во овој период не треба да бидат казнети, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Упати апел до полициските службеници да ги има предвид законските одредби што се однесуваат на укажувања, опомени, … 

– Сметам дека ниеден македонски полицаец не треба да изрече парична казна за овој тип на прекршоци затоа што македонскиот граѓанин не треба парично да плаќа затоа што сме имале некадарни политичари во минатото. Овој перид треба да помине во превентивно делување од страна на полицијата со цел да се усогласиме со законот, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по офоцијалниот старт на скијачкиот центар „Михајлово“.

Во однос на личните карти, Тошковски ги демантираше пишувањата во дел од медиумите дека престануваат да важат и овие документи. 

– Сите лични карти кои се со важечки втиснат датум, се во важност и ќе продолжат да бидат во важност. Ниту една законска измена не се однесувала на личните карти така што граѓаните од тој аспект може да бидат мирни, нагласи Тошковски. 

Од денеска возачките дозволи со старото име на државата престануваат да важат. Досега се издадени повеќе од 800 илјади возачки со новото уставно име на државата. 

Согласно Преспанскиот договор, по промената на уставното име на државата, граѓаните имаа обврска да ги променат патните исправи, личните карти и возачките дозволи. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година.