Граѓаните на Истанбул во карантин, туристите шетаат кај сакаат


Секојдневно низ Европа се спроведуваат се построги мерки за борба против инфекцијата со коронавирус. Мерките ги испразнија улиците на познатите туристички градови, како што се Рим, Париз и Лондон,кои претходно беа преплавени од  илјадници туристи.Но, еден град се спротивставува на мерките кога станува збор за туризмот. Станува збор за Истанбул, чиј модел на „заклучување“ е веројатно единствен во светот. Имено, додека жителите на тој град мораат да бидат затворени во своите станови за време на полицискиот час, туристите можат безгрижно да се движат низ таа турска метропола.

Минатиот викенд на жителите во Истанбул им беше наредено да останат дома. Целата земја беше под ограничувања и никој не смееше да го напушта станот или куќата од петок во девет часот навечер до понеделник во пет часот наутро, а оние што ги прекршија одредбите се казнуваа со 400 американски долари. Но, странските туристи немаа такви ограничувања. Тие можеа безгрижно да шетаат низ градот, да гиразгледуваат знаменитости и да користат јавен превоз.

Повеќето музеи се отворени, а некои ресторани дискретно се отвораат, доколку гостите јадат храна внатре, зад затворени врати. Услуга нудат и хотели кои се уште полиберални кон туристите, така што тие нудат и можност за ручек и вечера на отворените тераси. Така, во саботата попладне, на отворената тераса на луксузниот хотел Шангри-Ла во Истанбул, гостите беа забележани како уживаат во вино и свежа морска храна.

– Во последно време очекувате некој да ве казни за патување за туризам, но Турција е исклучок и имаме пристап до еден од најубавите и најшармантните градови во светот – вели 32-годишната британска гитаристка Ерин Локхарт, која минатата недела пристигна во Истанбул со нејзиното момче, Американец. Тие се одлучија за Турција затоа што тоа е земја во која и двајцата можеа да патуваат без обврска да бидат ставени во карантин по пристигнувањето. Тие самите се изненадија кога открија колку лесно можат да шетаат по улиците, и покрај полицискиот час во сила.

Откако Турција ги отвори своите граници ова лето, туристите добија простор каде што нема потреба да се изолираат. Тие лесно можат да ги посетат сите знаменитости и доволно е лекарите да ги прегледаат на аеродромот и да немаат никакви симптоми. Доколку ги имаат, надлежните ќе ги испратат на клиника на тестирање.

Туризмот е важна економска гранка во Турција, но оваа година, поради пандемијата, секторот може да претрпи штета и до 70 проценти во споредба со минатата година. Сепак, земјата очекува да има 15 милиони гости до крајот на годината и да заработи 11 милијарди долари. За споредба, во нормално време, Турција имаше до 45 милиони туристи и заработуваше околу 35 милијарди долари.Странските посетители доаѓаат главно од Русија и Блискиот исток, но има и многу Европејци меѓу туристите.

– Животот е прекраток за оваа година да останам дома. Се чувствуваме како животни заробени во кафез премногу долго и јас само сакам да избегам и да видам ново место, со поинаква енергија и култура – им рече на новинарите шпанската туристка Ана Николас.

Сепак, атмосферата во инаку најживиот турски град е драстично нарушена со воведувањето полициски час. Рестораните и баровите се затворени, а локалните жители се во куќите. Вообичаената гужва во градскиот сообраќај, рибарите и патничките бродови и неподносливата бучава од сообраќајниот метеж исчезнаа целосно. Движење за време на полициски час е дозволено само на оние кои ги имаат потребните дозволи заради работата што ја работат.

– Сосема е уникатно искуство да имате ваков град само за себе. Се чувствувате како ВИП, особено во музеите каде нема гужва на изложби – вели 48-годишниот финансиски аналитичар Марк Херу од Франција.

За некои, толку тивок Истанбул е малку досаден, како Багрта Калачинов, 36-годишна децојка од Москва. Сепак, нејзиниот сопруг Денис чувствува дека сега е дури  побезбеден тука отколку во родниот град.

Туристичките работници се обидуваат да ги намалат загубите и да заработат пари со либералните правила кон туристите.

– Оваа година беше катастрофална, особено во Истанбул. Да видиме дали ваквите мерки ќе му помогнат на туристичкиот сектор. Сè зависи од тоа дали луѓето ќе бидат задоволни од нашата услуга – рече турскиот туристички водич Кунејт Ујгур, додавајќи дека е загрижен дали на туристите ќе им пречи тоа што повеќето туристички атракции сепак се затворени.Тој додаде дека градот во моментов го посетуваат претежно млади и авантуристички посетители.

– Не е многу обичен одмор, но е „кул“ да можете безгрижно да шетате низ градот и да седите на сонце со пиво и сендвич. Сите се во паника заради вирусот, но повеќето од луѓето кои биле заразени се опоравиле добро. Треба да бидеме храбри и да продолжиме да живееме нормално што е можно повеќе. Треба да биде вака опуштено  насекаде, на пример Лондон сега е ужасно депресивен – изјави 26-годишната туристка Сенди Милер.

Некои Турци го поддржуваат овој двоен пристап кон затворање на земјата, бидејќи тоа е добро за економијата, но други сметаат дека е несоодветно туристите да шетаат низ градовите додека Турција се бори со втор бран на пандемија.

– Драго ми е што туристите доаѓаат во мојата земја, но кога многу луѓе умираат во болниците од коронавирус, не е време за туризам и авантури. Прифаќањето туристи без никакво тестирање само ја влошува ситуацијата. Ни велат да останеме дома, а ним безгрижно да ги истражуваат нашите улици. Реално, им даваме зелено светло за ширење на вирусот – заклучува истанбулската келнерка Тулин Полат.