Граѓаните на Истанбул ги откажуваат резервациите за одмор поради повторените избори


Турција – Жителите на Истанбул ги откажуваат резервациите за одмор, со цел да учествуваат на повторените избори за градоначалник на метрополата на 23 јуни, изјави претседателот на Асоцијацијата на турските туристички агенции, Фируз Баглакаја.

Откако Врховната изборна комисија донесе одлука за прегласување на изборите за градоначалник на Истанбул на 23 јуни, 90 отсто од луѓето кои направиле резервации за одмор побарале да ги откажат или да го сменат датумот на аранжманите, истакна Баглакаја.

Тој нагласи дека клиентите можат да го вратат целиот износ на платената сума доколку го откажат патувањето три дена пред почетокот на одморот.

Врховната изборна комисија во понеделникот ги оспори резултатите од изборите за градоначалник на Истанбул, одржани на 31 март, на кои кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот, Бинали Јилдирим доживеа пораз од Екрем Имамоглу од опозициската Републиканска народна партија.