Граѓаните може да се пријавуваат за вакцинација против сезонски грип – активиран сајтот vakcinacija.mk


Фото: Б. Грданоски

Граѓаните од ризичните групи може да се пријавуваат за бесплатна вакцинација против сезонски грип, на линкот: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu , соопшти Министерството за здравство.

Со пополнување на формата на сајтот, како што се посочува, граѓаните се регистрираат за вакцинација директно во системот „Мој Термин“, по што согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, ќе добијат СМС порака со информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.

Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за следните ризични групи: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од шест месеци до пет години. Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи, информираат од Министерството.