Граѓаните да не резервираат авиобилети, ќе нема каде да слетаат


Министерството за транспорт и врски апелира до граѓаните да се воздржат од резервации за авиобилети бидејќи се уште е во сила  одлуката за затворање на двата меѓународни аеродроми во земјава поради пандемијата со коронавирусот.

– Сакаме да потенцираме дека се уште важи одлуката за затворање  на „Меѓународниот аеродром Скопје” и аеродромот  „Св. Апостол Павле во Охрид. Тоа значи дека се додека не се донесе друга одлука, аеродромите ќе бидат затворени за превоз на патници, а авионскиот сообраќај запрен. Оваа одлука не се однесува за државни, воени, болнички, хуманитани и карго летови без патници, се вели во денешното соопштение од Министерството по објавите во дел од медиумите за конкретни датуми за воспоставување на авионските линии.

Од ресорното Министерство нагласуваат дека во моментов не може да се предвиди кога повторно ќе се нормализира авионскиот сообраќај за превоз на патници.

– Се до донесување на нова одлука од страна на Владата, апелираме до сите граѓани да се воздржат од резервaции на билети, се со цел дополнително да не се изложуваат на финансиски трошоци. За сите информации поврзани со нормализирање на авионскиот сообраќај, навремено ќе информираме, велат од Министерството за транспорт.

Апелираат граѓаните да ги следат информациите што се објавуваат од Владата и ресорните министерства.