Граѓаните бараат да го видат проектот за депонијата во Пелагонија: Јавна расправа во Новаци

Забелешките на граѓаните се граѓаните се да се прават центри за процесирање на отпад, а не за закопување на отпад


Од јавната расправа за депонијата во Новаци

 

БИТОЛА – За власта е разбирлива грижата кај граѓаните за новата регионална депонија што според плановите треба да се гради во Пелагонија, но потенцира дека проектот е започнат во 2019 година во времето на СДСМ и плановите течат. Граѓаните присутни на расправата во Општина Новаци побараа да го видат проектот за да знаат што се планира во плодната житница и кажаа дека во настапите на битолчани нема политичка заднина, туку само желба да се озаконат постојните депонии и дека граѓаните сакаат да се направат центри за процесирање на отпад, а не центри за закопување на отпад. Односно, 90 проценти од отпадот да се рециклира по примерот на европски депонии.

На јавната расправа што денеска се одржа во Новаци се зборуваше за плановите за изградба на Регионален центар за управување со отпад за 18 општини од југозападниот регион. На расправата се презентираше проектот, а се споделуваа и локални искуства и примери за диви депонии и нови проекти за заштита на животната средина и придобивки од реализирани центри за третирање на отпад. 

„Разбирлива е грижата која што постои кај граѓаните. Всушност таа грижа постоеше и кај нас кога дојдовме на власт и додека не го видиме проектот како одела постапката, што се случувало и како сме дојдени до оваа фаза. Со нас се луѓето од Министерство за животна средина и експертите кои години наназад работел на овој проект. Овој проект е започнат во 2019 година. Во 2022 е постигнат договорот со ЕБОР. Во 2023 година е земен кредитот од 55 милиони евра и имаме грант од 41,5 милиони евра кои се дел од овој проект“, изјави Ане Лашковска, заменик-министер за животна средина.

Експертите веќе работат на сите постапки што ќе значат влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните. Дополнителните истражувања ќе водат кон дополнителни мерки, оние кои се веќе додадени во студијата за оценка на влијанието врз животната средина.

На трибината беа присутни бројни граѓани. Никола Танчевски, граѓанин на Битола, познат како иноватор (чија компанијата создаде течен препарат, нано био-полимер од еколошки полимери од обновливи извори, кој ги апсорбира ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките и ја спречува нивната емисијата), рече дека бараат од локалните власти на Битола и општина Новаци да им го достават проектот за новиот центар за управување со отпад што треба да се гради на територија на Општина Новаци, оти не знаат што се ќе подразбира овој процес.

„Тука сме да го изразиме мислењето на народот во врска со депонијата и сакаме да побараме од локалните власти да ни го достават проектот. Никој го нема видено проектот, ниту за патот (обиколницата која треба да се гради низ Пелагонија за да поминуваат камионите со отпад од другите општини), ниту за депонијата, со цел да можеме да ги евалуираме проектите со наши експерти, имаме од универзитети, експерти од Европска унија. Ако е навистина добар проектот во ред, ако има загрижување, ќе протестираме, ќе направиме референдум. Веќе сме спремни со иницијативата за референдум во Новаци и во Битола“, изјави Танчевски и додаде дека граѓаните сакаат да се модернизираат постојни депонии, да се озаконат. Да се направат центри за процесирање на отпад, а не центри за закопување на отпад.

„Дупката што е во РЕК сакаат да ја полнат заради поевтино, е врзано со подземна вода. Во цела Пелагонија ќе се загади водата. Треба да се направи напредно решение што овој отпад до 90 проценти би се рециклирал, а другиот отпад би се преработил на соодветен начин. Би се спалил без согорени гасови, имаме технологии“, рече Танчевски.