Граѓани се жалат дека во некои продавници вработените не носат заштитни маски и ракавици

Фото: Б. Грданоски

До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) последните три дена се поднесени девет претставки чии наводи се однесуваат на актуелната состојба со корона вирусот и непочитувањето на некои од донесените мерки на Владата.

Како што велат од АХВ за МИА, потрошувачите во претставките алармираат дека во некои продавници вработените не носат заштитни маски и ракавици, не го ограничуваат влезот на потрошувачи во продавниците, не спроведуваат добри хигиенски пракси, несоодветно и нехигиенски ја вршат дистрибуцијата на леб, а алармираат и за продажба на производи со поминат рок на употреба.

Претставките се доставени и по нив постапуваат инспекциските служби на АХВ.

-Имаме доволен број инспектори за навремено спроведување на редовните и засилените инспекциски контроли. Како одговорна институција за безбедноста на храната до граѓаните упатуваме апел да купуваат храна исклучиво во објекти кои се регистрирани и одобрени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и кои ги исполнуваат условите за хигиена дефинирани со Законот за безбедност на храната и прописите кои произлегуваат од него, да внимаваат на личната хигиена и да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот КОВИД 19. Операторите со храна, пак, да одржуваат високо ниво на хигиена во објектите за производство и продажба на храна, на транспортните средства и да вршат нивна редовна дезинфекција, истакнуваат од АХВ.

До Одделението за заштита на потрошувачите при Агенција за храна и ветеринарство од почетокот на годинава до денес се поднесени вкупно 94 претставки.

Фото: Б. Грданоски