Граѓани од Крњево со колички со бебиња на седница на Општина Центар


 

Дел од жителите на центарската населба Крњево, денеска беа присутни на седница на Советот, каде треба да се гласа за предлог-одлуката за донесување на Детален урбанистички план Градска четврт ЦС 07-Крњево 2. Со 17 гласови „за“ и двајца воздржани, тој беше изгласан од советниците.

Некои од нив беа дојдени со бебиња во количка, а една жена рече дека има 72 години и од 2012 година чека да се донесе урбанистичкиот план, со кој ќе им се овозможи да изградат соодветни живеалишта за себе.

– Ние сме пет куќи, трошни, полоши од оние во Шутка, таму е подобро… Немаме никакви услови да живееме, а не смееме да си изградиме подобри, ниту да дадеме на инвеститор да гради – рече 72-годишната скопјанка. Таа едвај чека да се донесе овој ДУП.

На дел од граѓаните им смета што во ДУП-от се вцртани високи или габаритни градби, па сметаат дека, на нивна штета, им се одзема дел од имотот, што за градбите, што за
задолжителното зеленило и паркови што треба да се прават.

Дополнително, на прашање на советниците, тие кажаа дека за последниот предлог не е направена јавна анкета, а последната била пред три години, кога и се вметнале некои измени, на барање на граѓаните.

Планерката објаснуваше дека најновите измени ги задоволуваат урбанистичките правила, дека се овозможува изградба на соодветни живеалишта, пристапни улици, но и паркови и зеленило.

Градоначалникот Горан Герасимовски, додаде дека со новиот план предвидени се објекти од јавен интерес, како градинка, што дополнително ќе придонесе за похумано живеење.

Инаку, се работи за реонот спроти Ист гејт мол, односно меѓу булеварите „Никола Карев“, „Гоце Делчев“, „Крушевска Република“ и собирната ул.„Беласица“.

Вкупната површина опфатена во рамките на опишаните граници изнесува 6,65 ха.

Герасимовски: Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија и детска градинка во новиот ДУП Крњево 2

Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија, нова детска градинка и зголемени растојанија на објектите се главните придобивки од носењето на Деталниот урбанистички план Градска четврт ЦС 07 – Крњево 2 на денешната, 26 седница на Советот на Општина Центар.

Во новиот ДУП Градска четврт ЦС 07 – Крњево 2 предвидено е намалување на станбената развиена површина од стариот план, која предвидува домување за 4.460 жители, намалена е на површина која е соодветна за 2.881, со што на државното неизградено земјиште се добива простор за повеќе јавни намени за граѓаните.

И покрај големиот број на жители, во Крњeво досега немало детска градинка. Со носењето на овој план се предвидува нова детска градинка, на две нивоа и вкупна површина од 632 м2, со која ќе се решат проблемите на граѓаните кои досега своите деца ги носеа во други општински градинки или во градинките од соседните општини.

Заложбата за изведување на зеленило секаде каде што условите дозволуваат е евидентна и во овој план, со тоа што наместо еден мал локален парк од 483 м2, во новиот план се вцртани четири мали локални паркови, на вкупна површина од 1.624 м2.

„Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија, нова детска градинка и зголемени растојанија на објектите се главните придобивки од Деталниот урбанистички план Крњево 2 кој го донесовме на денешната седница на Советот. Како и досега, ги слушнавме барањата на граѓаните, овој план ги помина сите чекори и со носењето на ДУП-от Крњево 2 решаваме голем број на граѓаните во овој дел од Центар, проблеми кои овде се таложеле години наназад“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Во предвид се земени и вцртаните објекти, особено оние со предимензионирани и нехумани површини за градење. Со новиот план, вкупната развиена површина на објектите за домување во плановите од 144.931 м2 е намалена за 35%, односно на вкупно 93.640 м2.

Подобрени и зголемени се и растојанијата помеѓу објектите. Во новиот план за Крњево сите објекти се со растојание од 16, 20 и повеќе метри, со што се остава подобро проветрен простор, кој има повеќе светлина и е побезбеден за секојдневното функционирање на граѓаните, а со новото планско решение ќе се изведе и нова пешачка улица, веднаш покрај булеварот „Крушевска Република“.