Графит стар 2.000 години открива неочекувана тајна на античките туристи


Ново откритие во Долината на кралевите сугерира дека патници од Индија биле меѓу посетителите, што дополнително ги потврдува историските трговски и културни врски меѓу Индискиот Океан и долината на Нил

Археолозите открија необични натписи во Долината на кралевите во Египет кои се стари околу 2.000 години и се чини дека ги оставил турист од јужна Индија. Натписите, напишани на древен тамилски јазик, би можеле да бидат едни од најраните докази за индиски посетители на Египет.

Древен „турист“ во Долината на кралевите
Истражувачите го идентификуваа името Чикаи Коран, кое се појавува во неколку натписи во гробници во Долината на кралевите во Египет. Експертите проценуваат дека натписите датираат од Римското Царство, пред околу 2.000 години. Вкупно се пронајдени неколку десетици графити, а во осум од нив јасно се појавува името Чикаи Коран. Натписите се напишани на древен тамилски јазик и обично имаат едноставна порака што може да се преведе како: „Чикаи Коран дојде тука и виде“.

Лиценцирана фотографија од Инго Страуч

Еден од натписите се наоѓа во гробницата на фараонот Рамзес IX, на висина од околу пет до шест метри над влезот, што укажува дека авторот свесно избрал впечатливи места.

Откритие благодарение на фотографиите

Натписите првпат ги забележал истражувачот Инго Страух од Универзитетот во Лозана за време на туристичка посета на гробниците во 2024 година. Тој забележал дека некои од графитите се различни од другите и личат на индиски писма.

По враќањето, ги анализирал фотографиите и ги испратил до својата колешка Шарлот Шмид од Францускиот институт за Далечен Исток, која потврдила дека станува збор за тамилско писмо, пишува Gizmodo.

Со повторно испитување на постарите каталози на графити, составени од францускиот научник Жил Баје во 1926 година, истражувачите пронашле дополнителни натписи кои претходно биле означени како непознат азиски јазик.

Популарна туристичка дестинација во антиката
Долината на кралевите ја посетувале бројни патници уште во римско време. Баје евидентирал повеќе од 2.000 графити во гробници на почетокот на 20 век, претежно на грчки и латински, што покажува дека областа била популарна туристичка дестинација. Новото откритие сугерира дека патници од Индија биле меѓу посетителите, што дополнително ги потврдува историските трговски и културни врски меѓу Индискиот Океан и долината на Нил.

Египтологот Стив Харви од Универзитетот Стони Брук истакнува дека натписите се важни бидејќи претставуваат едни од првите конкретни докази за присуството на индиските патници во Египет во тој период.

Повеќе од само графити
Иако натписите се во суштина антички „графити“, тие денес имаат археолошка вредност. Според истражувачите, некои од натписите дури се однесуваат и на други графити напишани на грчки, што сугерира дека индиските посетители можеле да ги разберат или барем да ги препознаат овие текстови.

Откритието, на тој начин, дава нов увид во меѓународните контакти во античкиот свет – и покажува дека потребата туристите да остават трага од нивното пристигнување постоела дури и пред две илјади години.