Графикон како доказ: Погледнете колку смртни случаи има во земјите на ЕУ со најголема стапка на вакцинација


Европската комисија објави графикон врз основа на податоците од Европскиот центар за заразни болести (ЕЦДЦ), кој го покажува односот на вакцинирани и починати во земјите од Европската унија. Податоците за вакцинација се однесуваат на полнолетни граѓани, односно на сите постари од 18 години. Податоците за смртни случаи се однесуваат на период од 14 дена во ноември.
Графиконот може накратко да се опише на следниов начин: колку повеќе населението е вакцинирано, толку има помалку смртни случаи, пишува Индекс.хр.

Врз основа на графички прикажаните податоци, може да се забележи дека во земјите со висок процент на вакцинирани, бројот на смртни случаи е многу мал.
„Податоците покажуваат дека колку е поголема стапката на вакцинација, толку е помала стапката на смртност“, напиша Европската комисија во описот на графиконот објавен вчера на нејзиниот Твитер профил.

На левата табела е прикажан процентот на вакцинирани, а десно бројот на починати на милион жители во период од две недели.

Ирска на врвот на табелата

Ирска е на врвот според стапката на вакцинација. Таму е вакцинирана 93 отсто од возрасната популација. Имаат 15 смртни случаи на милион жители во период од 14 дена.

Следува Португалија. Тие имаат 92 проценти од возрасните вакцинирани и имаат 10 смртни случаи од корона на милион жители.

Малта има ист процент на вакцинирани. Таа бележи 0 смртни случаи од корона вирусот на милион жители. За потсетување, ова е за период од 14 дена.

Следна на листата е Данска со 89 отсто од вакцинираните и 10 смртни случаи на милион жители во период од 14 дена.

Мал исклучок меѓу вакцинираните е Белгија. Таму 87 отсто од возрасните биле вакцинирани и имало 29 смртни случаи на милион жители во посочениот период.

Хрватска на дното

Следува списокот на најлошите земји од ЕУ во однос на вакцинацијата.

Полска има 62 отсто вакцинирани возрасни и 49 смртни случаи на милион жители во период од 14 дена.
Хрватска има 55 отсто вакцинирани лица на возраст над 18 години и 168 смртни случаи од корона вирусот на милион жители во истиот период.

Словачка исто така е на дното на табелата. Има 54 проценти вакцинирани, но се разликува по бројот на починати. Евидентирани се 29 починати од Ковид-19 на милион жители, што е значително помалку од другите земји на дното на листата.

Најлоши се Романија и Бугарија. Романците вакцинирале 43 отсто од возрасните и имаат 267 смртни случаи на милион жители. Бугарите се убедливо најлоши со бројки од 29 отсто вакцинирани и 325 мртви на милион жители.

Хрватска е, повторно, четврта најлоша по вакцинација. Зад Хрватска се само Словачка, Романија и Бугарија.

Хрватска е четврта најлоша во ЕУ по бројот на смртни случаи, со 168 смртни случаи на милион луѓе. Зад Хрватска, соодветно, се Летонија (266 смртни случаи на милион), Романија (267) и Бугарија (325).