Графички регистар за улици и куќни броеви како вовед во современ адресен регистар


Во текот на годинава ќе се прибираат податоци за улици и куќни броеви во 21 општина, како дел од активностите што ги спроведува Катастарот за воспоставување графички регистар, којшто е основа за адресен регистар. Тоа е проект што треба да овозможи на брз и лесен начин да се пребарува и врши идентификација на улиците, зградите и становите во просторот и да се осигури точноста на податоците.

– Во функција на воспоставувањето и управувањето со графичкиот регистар за улици и куќни броеви најнапред се собираат податоците од терен, се врши нивна обработка со цел да се добие точен податок за адресите и куќните броеви од терен, односно да се утврди фактичката состојба. Реализацијата на овој проект е комплексна и се реализира со финансиска поддршка од повеќе меѓународни организации, како што се Шведската агенција за меѓународна соработка-СИДА и Европската Унија, изјави за МИА директорот на Катастарот, Борис Тунџев.

Во рамките на проектот „Соработка за дигитална демократија“ за периодот 2018-2021, што Агенцијата за катастар на недвижности го имплементира заедно со Шведската агенција за картографија, катастар и регистрација на земјиште, е планирана финансиска поддршка на компонентата за воспоставување графички регистар за улици и куќни броеви – како основа за воспоставување адресен регистар.

– Преку проектот досега се спроведе теренското прибирање на податоци во 350 населени места, во 11 општини на територијата на Република Северна Македонија. Овие активности се реализираа заклучно со третиот квартал на 2020 година. Во тек е теренското прибирање податоци за улици и куќни броеви во уште 256 населени места во 11 општини, и овие активности се поддржани со средства во рамките на програмата IPA/2019/PG/0168-6574 за финансиска поддршка од страна на Европската Унија. Во текот на 2021 година со поддршка на проектот „Соработка за дигитална демократија“ се планира да се отпочне со теренското прибирање податоци за улици и куќни броеви во уште 21 општина, најавува Тунџев.

За да се воспостави графичкиот регистар за улици и куќни броеви, теренски се прибираат описни и просторни податоци за улици и куќни броеви. Описниот податок за улица е составен од име на улица и нејзин број, додека за просторните податоци за улици и куќни броеви се прибира податок за местоположбата на улиците и за  местоположбата на објектите во однос на улицата, се прибираат податоци за самиот објект (како што се бројот на објектот, дали постои на терен или не, колку ката има објектот, колку станови/локали има, намената на објектот итн.)

Разлики во адресни податоци

Катастар ги презема по службена должност описните податоци за улиците и куќните броеви од регистарот за имиња на улици и куќни броеви што се води во Централниот регистар и тие се ажурираат со теренското прибирање на податоците. Базата на податоци од Централниот регистар содржи само описни податоци, а не ја содржи и графичката компонента. Тоа, појаснуваат од Катастарот, значи дека во базата на Централниот регистар постојат податоци за името на улицата и населеното место каде, но не се водат податоци за куќните броеви, исто така не може визуелно да се определи каде се наоѓа улицата во просторот, а уште помалку каде се наоѓа објектот.

Од друга страна, укажуваат од Катастарот, кај општините и Градот Скопје постојат големи разлики во адресните податоци, односно во податокот за името на улицата и бројот на објектот. Тоа се случува и кај другите институции што во своите бази на податоци имаат податоци за името на улицата и бројот на објектот, како што се Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичната евиденција, Државниот завод за статистика, Агенцијата за катастар на недвижности и други.

Со теренското прибирање податоци треба да се добие јасна слика која улица каде се наоѓа, кои куќни броеви се однесуваат на улиците и во кое населено место се наоѓаат. Конкретно, се ажурираат податоците кои се преземаат од Централниот регистар, на начин што се прибираат дополнителни податоци што се однесуваат на улиците (се врши увид дали постои табла со име на улица, дали за улицата постои податок за нејзиното име и доколку не постои се прибираат податоци од граѓаните за името на улицата). Се означува местоположбата на улицата на начин што улицата се исцртува од почетокот до крајот. За објектите се прибираат податоци за нивната местоположба, податоци за бројот на објектот, дали тој постои на терен или не, колку ката има објектот, колку станови/локали има, намената на објектот (индивидуална куќа за живеење, станбено-деловен објект и слично), податок за годината кога е изграден објектот и материјал на градба, фотографии итн. При теренското прибирање податоци се прибираат и податоци и за бесправно изградените објекти.

Агенцијата врши контрола на прибраните податоци за улиците и куќните броеви од терен, односно се врши контрола дали се прибрани сите потребни податоци, дали местоположбата на улиците и објектите во рамките на населеното место е соодветна со фактичката. Состојбата од терен покажала дека дел од улиците немаат име, не се обележани, дел од објектите немаат броеви (се водат како б.б.), еден или повеќе објекти имаат ист број и сл. Поради недостиг на описни податоци за улиците и куќните броеви од терен, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје ќе треба да извршат проверка, односно потврдување на теренски прибраните податоци, во согласност со евиденциите што ги водат.

Целокупната постапка за теренско прибирање на податоците, нивна контрола, корекција и потврдување од страна на АКН се одвива преку наменски изготвени софтверски решенија. Исто така, подготвен е модул за потврда на теренски прибраните податоци од страна на општините. Досега, прибраните податоци за улиците и куќните броеви се внесени во централната база на податоци за секое населено место поединечно.

Во однос на теренското прибирање податоци за улици и куќни броеви, како што прецизираат од Агенцијата за катастар на недвижности, досега се завршени повеќе активности. Спроведен е пилот-проект за теренско прибирање податоци за улици и куќни броеви во 17 населени места (општина Зелениково со 14 населени места, населено место Свети Николе, населено место Гостивар и дел од населено место Кисела Вода). Спроведени се теренски прибирања на податоци во 63 населени места во 10 скопски општини (Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Центар, Карпош, Шуто Оризари, Сарај, Ѓорче Петров и Бутел), како и во 350 населени места во 11 општини на територијата на Република Северна Македонија: Центар Жупа, Дебар, Гостивар, Кичево, Кочани, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Неготино, Битола и Градско. Тие општини се опфатени преку проектот „Соработка за дигитална демократија“. Во моментов, со поддршка од Европската Унија, на терен се привршува теренското прибирање податоци за улици и куќни броеви во 256 населени места во 11 општини на територијата на Република Северна Македонија: Боговиње, Вевчани, Демир Хисар, Чашка, Радовиш (населено место Радовиш), Валандово, Куманово (населено место Куманово), Кратово, Штип и Македонски Брод (населено место Македонски Брод).

Треба да се соберат податоци за уште 588 населени места во 29 општини

Во текот на 2021 година ќе започнат активности за прибирање теренски податоци за улици и куќни броеви за 508 населени места на територијата на 21 општина: Пехчево, Берово, Прилеп, Струмица, Свети Николе, Чучер-Сандево, Арачиново, Сопиште, Студеничани, Илинден, Петровец, Охрид, Крушево, Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Радовиш, Македонски Брод, Велес, Дебрца и Пробиштип.

Преостанува прибирање теренски податоци за улици и куќни броеви за 588 населени места во 29 општини во Република Северна Македонија за кои е потребно да се обезбедат средства. Со тоа, укажуваат од Катастарот, ќе се заокружи постапката на прибирање на податоците во согласност со фактичката состојба на терен.

Откако ќе биде донесен законот за систем на адреси, чиј предлагач е Министерството за транспорт и врски како надлежен орган, Агенцијата за катастар на недвижности, во соработка со останатите надлежни институции корисници на адресните податоци, треба да започне со процесот на воспоставување единствен национален адресен регистар, кој ќе содржи стандардизирани и ажурирани адресни податоци.

Според најавите, придобивки од востановениот адресен регистар ќе имаат сите институции, како и сите правни и физички лица во државата. Со него ќе се овозможи на брз и лесен начин да се пребарува и врши идентификација на улиците, зградите и становите во просторот и ќе се осигури точноста на податоците. Треба да се подобри пристапот до квалитетни и ажурни информации, да обезбеди централизирање на информациите и поврзување на институциите, да ги намали секојдневните трошоци за водење бизнис и на времето потребно за праќање и за примање податоци, како и да ја подобри комуникацијата во институциите.

Се очекува неговото воспоставување индиректно да има влијание во стимулирање нови видови бизниси, како што се онлајн продавници, во ефикасно пребарување просторни единици од интерес, само со внесување на адресата, за намалување на трошоците за дистрибуција на податоците и информациите, зголемување на квалитетот на поштенската испорака што ќе го поттикне пазарот да ги користи овие услуги. Бесплатен и неограничен пристап до адреси е од огромна важност за јавноста и претставува средство во јавната администрација, индустријата и трговијата. Тој проект ќе служи како единствена референца за полицијата и службите за итни случаи (брза помош, пожарникари), транспортните услуги, логистиката, е-Влада, јавната администрација и граѓаните, најавуваат од Катастарот.

Се работи на овозможување приказ на теренски прибраните податоци за улиците и куќните броеви на веб-страницата на Катастарот кои ќе можат да се споредат со податоците запишани во еКат системот. Со тоа, на граѓаните ќе им се овозможи лесна идентификација на недвижностите според адресата.