Градските власти се откажуваат од јужната обиколница


Јужната обиколница, која требаше да се гради во подножјето на планината Водно и да го растовари сообраќајот во тој дел од градот, нема да влезе во новиот Генерален урбанистички план за Скопје, кој ќе важи од 2022 до 2032 година.

Ова го најави  градоначалникот Петре Шилегов, посочувајќи дека Скопје треба да биде зелен град, со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори од досегашните, планиран сообраќај што ќе одржи урбана одржлива мобилност и комунална инфраструктура, што целосно ќе биде во функција на обезбедување чиста и здрава животна средина. Затоа, смета тој, за донесување на новиот ГУП, повеќе од потребна е поддршката не само од Министерството за транспорт и врски, туку и од поширок круг стручни лица од различни области, од невладиниот сектор, од академската заедница и од граѓаните, имајќи предвид дека се работи за сложен и сеопфатен процес.

Претходниот ГУП на Скопје е усвоен во 2012 година, а до денес, како што рече, се извршени многу парцијални измени во просторот, главно измени на програмите и локациите за определени содржини.

– Моите заложби како градоначалник се однесуваат за рационално, контролирано и флексибилно ширење на Град Скопје во насока на обезбедување одржлив развој. Визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент на просторната комуникација, соодветно планирање на комуналната инфраструктура, особено од аспект на инфраструктура за прифаќање, селектирање, рециклирање и депонирање цврст и друг вид отпад, како и реконструкција на досега изградените простори и блокови во простори со повисок комунален, но и амбиентален стандард, рече Шилегов.

Верува дека Скопје ќе се развива и шири на тој начин што ќе се релаксира од претерана урбанизација јужниот дел од градот, на сметка на рационално користење на неискористените, а сè уште слободни површини во северниот дел на градот. Во изработката на новиот ГУП изрази надеж дека ќе бидат разгледани и можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вели дека целосно ги поддржува замислите на градот, не само во делот на финансиска помош, туку и во делот на обезбедување стручност. Целта, според министерот, е да се обезбеди баланс меѓу развојот на стопанството и заштитата на животната средина.

Додаде дека во финална фаза е носењето на законот за урбанистичко планирање во Собранието.

– Амандманската расправа е завршена. Имаме технички состаноци со сите политички партии со цел побрзо да биде донесен и имплементиран законот за урбанистичко планирање, рече Сугарески.

Во изминатиот период имале посети и увиди на неколку населени места во Скопје каде што се реализираат проекти преку Министерството за транспорт и врски, како Маџир Маало, Арачиново, Ѓорче Петров, Карпош, Визбегово…

Градскиот татко сепак не сакаше да вети дека ќе се намали градењето во метрополата, поради што скопјани се соочуваат со низа проблеми, од загадување на воздухот до инфраструктурни и сообраќајни проблеми, но посочи дека доколку се гради, тоа би било плански и согласно со генералниот и деталните урбанистички планови.

– Преамбициозно е од сега да кажам што точно ќе опфати новиот ГУП. Приоритет ќе бидат јавните и зелените површини. Останувам и на ставот центарот на градот да се претвори во пешачка зона – објасни Шилегов.

Постојниот Генерален урбанистички план важи до 2022 година, а новиот, според надлежните, ќе се донесе во комуникација со сите засегнати страни. (Б.Б.)