Градот Скопје нема да банкротира тврди Арсовска


Град Скопје не е пред банкрот, ниту пак може да банкротира, уверува градоначалничката Данела Арсовска.

Според неа,  на советниците не им одговара што после 30 години дошол некој што финаниски го консолидирал градот, а обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ тераат политичка агенда преку град Скопје.

„Прво треба да прочитаат што е значењето на зборот банкрот и да се запознаат пред да сеат страв и паника меѓу граѓаните. Во буквална смисла, ништо да не работиме, денеска само да отидеме на работа и градот ништо да не прави, секој ден имаме по минимум 10 милиони денари на таа сметка“, рече Арсовска, денеска, на прес-конференција за состојбата на мостот „Беласица“.

Според неа, не е блокирана ниту градската сметка, ама не одговори на прашањето како ќе се исплаќа долгот кон Скопски саем.

„Зошто некој дозволил кога бил свесен од првиот ден дека ова е нешто кое мора во истиот момент кога има барање од Скопски саем да се вратат овие комуналии, да ги врати? Зошто некој свесно го довел во позиција после толку години да плаќаме половина милион евра по основ на камати од овој спор којшто се знаел дека е изгубен затоа што тие средства, по закон, мора да ги вратите кога спротивната страна ќе ги побара“, појасни Арсовска,.

Неделава советниците на СДСМ доставија иницијатива за вонредна седница на градот на која ќе се дискутира за лошата финаниска состојба, но за тоа Арсовска треба да достави финансиски извештај. Затоа што таа на советниците им најавила дека  најрано може да се достави финансискиот извештај на 27 мај, оваа точка ќе се расправа на редовната седница, на 30 мај.