Градот Скопје ќе го помогне оркестарот на „Орце Николов“ за настапите во Њујорк (видео)


Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека Градот Скопје ќе му даде поддршка на оркестарот при СУГС Гимназија „Орце Николов“, кој во септември ќе настапи во Њујорк по освоеното прво место на меѓународен музички натпревар.

Ѓорѓиевски денеска се сретнал со младите музичари, за кои рече дека за краток период постигнале значајни домашни и меѓународни успеси.

„Тие се огромна гордост за сите скопјани, но и вистински амбасадори на Македонија, на македонската музика, култура и традиција“, напиша Ѓорѓиевски.

 

Тој потсети дека оркестарот, формиран во 2024 година, ја освоил наградата „First Prize with Honors“ на Меѓународниот натпревар во Њујорк со репертоар составен исклучиво од македонска народна музика.

Со освоеното признание, младите музичари добиле и официјална покана за концертни настапи во престижни сали во Њујорк на 5 и 6 септември.

„Градот Скопје и јас, како градоначалник, ќе бидеме нивна силна поддршка во остварувањето на овој голем сон. Нивниот настап во Њујорк ќе биде радост и гордост за Скопје и за цела Македонија“, порача Ѓорѓиевски.

Тој им посака на членовите на оркестарот успешно да ја претстават Македонија, македонската песна и традиција пред американската публика. 

Претходно, од оркестарот побараа поддршка од институциите, компаниите, банките, општествено одговорните организации и до сите кои можат да помогнат, да се вклучат во поддршката на проектот.

Настапите во Њујорк се награда за освоеното признание, каде ќе ја промовира македонската народна музика преку автентични аранжмани подготвени од шеф-диригентот Марко Балоски.

Во само две години постоење, оркестарот одржа четири големи концерти и успеа да ја доближи македонската народна музика до младата публика, покажувајќи дека традицијата може да се негува и на современ начин. Од оркестарот посочуваат дека настапите во Њујорк се можност македонската култура да биде претставена пред меѓународна публика, но за реализација на патувањето неопходна е финансиска поддршка.

За повеќе информации или поддршка, заинтересираните можат да се обратат на електронската адреса: [email protected] или на телефонскиот број 071 972 352.