Градоначалникот на Ресен бара да нема славење по викендички низ Преспа


Ресен

БИТОЛА – Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски на три дена пред Новата година го вклучи црвениот аларм со предупредување да не се дозволат журки за дочек на Новата година во викенд куќите низ Преспа. Поради зголемениот број на лица заразени од вирусот Ковид-19 на територијата на општина Ресен, но и претстојните новогодишни и божикни празници градоначалникот Гошаревски свика итен состанок на Општинскиот кризен штаб.

„Преспа е туристичко место, сѐ може да се очекува, мора будно да се следи состојбата за да не се случи повторно ширење на вирусот. Останува на сила уредбата со која се забранува издавањето на куќи, вили и викендички на група на луѓе.

Пазарните инспектори и полицијата ќе бидат постојано на терен. Сите служби ќе бидат ставени во функција, ќе се прави ред по маркетите и продавниците заради поголемата раздвиженост. Денеска на состанокот со Кризниот штаб  беше разгледана новонастанатата ситуација и беше побарана максимална одговорност и почитување на здравствените мерки, како од граѓаните на самата општина така и од страна на сите правни субјекти“, вели градоначалникот Гошаревски.

ЈКП „Пролетер“ ќе продолжи да врши дезинфекција на улиците и јавните површини.

Според последните информации вкупниот број на позитивни на вирусот од почеток на кризата до денес е 634, а болеста во моментов е активна кај 140 лица. Во Преспа од почетокот на кризата до денес починале 17 лица како последица од вирусот. 

„Во изминатите денови има намалување на бројот на заразени, како што е состојбата и на државно ниво, имаме повеќе негативни тестови, но заболените, односно активно болните, се од семејни кластери, затоа сакаме да укажеме на тој момент да нема групирање, дружење, славење на повеќе лица. И самите лекари од Кризниот штаб укажаа дека јануари и февруари се тешки месеци и заради мешањето со сезонскиот грип, па треба будно да се следи секоја промена“, вели Гошаревски за „Независен“.  (А.Б.)