Градоначалникот на Ново Село може да седне во фотелјата


Новоизбраниот градоначалник на Ново Село, Никола Андонов може да стапи на функцијата откако Државната изборна комисија го отфрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ за неделниот втор круг од изборите. Забелешката на опозицијата се однесуваше на сторена повреда на постапката за сумирање и утврдување на резултатите на избирачко место. Избирачкиот одбор не составил записник со внесување податоци. При пребројувањето, изброени се 411 избирач, а бројот на ливчиња бил 412. Членовите на ДИК во тензична атмосфера дебатираа дали да се отвори кутијата или не и да се пребројат ливчињата.
По едночасовна дискусија, претседателот Оливер Деркоски одлучи дека треба да се отвори кутијата и да се пребројат ливчињата, со што самиот тој го стори тоа во присуство на членовите. Овој приговор беше одбиен, а избирачкиот одбор разрешен.
ВМРО-ДПМНЕ испрати вкупно 12 приговори, кои се однесуваат на случаи на полнење кутии, гласања за повеќе лица, недозволено агитирање, злоупотреба на државните ресурси, како и поткуп. Во најголемата опозициска партија, денеска најавија дека ќе се жалат и до Основно јавно обвинителство.
„Македонија со сигурност нема иднина без право и правда и тоа е гласната порака од овие избори. Власта знаејќи го тоа, продолжи пак со криминогените делувања за криминогено системски да го минира демократскиот чин односно изборите. До обвинителството ќе поднесеме 12 кривични пријави за нарушување на изборниот процес, односно за организирано гласање, поткуп на гласачи и за агитирање“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.