Градоначалникот на Њујорк најави враќање на построги епидемиолошки мерки

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио најави можност за враќање на построги епидемиолошки мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, како на пример затворање на училишта, ресторани и продавници, кои не се најнеопходни во девет квартови на Бруклин и Квинс, каде бројот на новозаразени од Ковид-19 е во голем пораст.

– Предлагам од 7 октомври да ги затвориме сите училишта и продавници кои не се најнеопходни во девет квартови, истакна Де Бласио на прес-конференција.

Тој нагласи дека очекува од гувернерот на сојузната држава Њујорк, Ендру Куомо да ја потврди оваа одлука.

– Жителите на Њујорк напорно работеа за да го спречат ширењето на заразата, па оваа одлука не ја носиме лесно. Во нашиот град науката и струката имаат главен збор, а ние носиме одлуки врз основа на она што ни е препорачано, додаде градоначалникот, упатувајќи критика до администрацијата на Трамп и републиканците, кои според него, имаат несериозен пристап кон вирусот.