Градоначалникот на Корлеоне даде оставка – се вакцинирал преку ред


 

Градоначалникот на сицилијанското гратче Корлеоне, Николо Николоци денеска поднесе оставка на функцијата затоа што примил вакцина против Ковид-19 преку ред.

„Не спиев претходната вечер размислувајќи за таа одлука и заклучив дека е правилно да поднесам оставка“, рече Николоци (78), јави италијанската агенција АНСА.

Медиумите пренесоа дека полицијата го истражува случајот. Италија почна со вакцинација на населениеот кон крајот на декември, а приоритет тогаш имаа медицинските работници и лицата постари од 80 години.

Но, Николоци тогаш рече дека локалните политичари како што е тој, мора веднаш да бидат заштитени против корона вируспт, како и медицинските работници.

Покрај него, вакцинирани се и градските советници.

Гратчето Корлеоне, инаку го овековечи американскиот режисер Френсис Форд Копола со култниот филм „Кум“ од 1972 година за сицилијанската мафија и семејството Корлеоне, во кој играат Марлон Брандо, Ал Пачино и Дајана Китон.