Градоначалникот на Гази Баба по лошиот изборен резултат: Не се плашам од „метлата“, си ја работам „домашната“
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски, не се плаши од најавената „метла“ на премиерот Зоран Заев, затоа што смета дека си ја одработува „домашната задача“, односно ги решава локалните проблеми во Општината. Во интервју за „Независен весник“, Георгиевски вели дека не бега од одговорноста, а изборните резултати сигурно ќе бидат разгледувани на следниот конгрес на партијата кога ќе се лоцира фактичка состојба – што можело да се направи и кои се можностите тоа да се поправи.
Се најдовте на удар по двата круга на претседателските избори поради големата разлика што ја оствари во вашата општина Гордана Силјановска-Давкова. Какво е вашето објаснување?
– Треба да разликуваме претседателски од локални избори. Ниту локалните, ниту претседателските, ниту парламентарните избори немаат допирни точки. Треба да се разберат две работи помеѓу апсолутната и релативната бројка на информации или на гласови кои ги имате како база. Тоа ниту зависи од локалната самоуправа ниту од еден поединец.
Ова беа претседателски избори, а Силјановска-Давкова во кампањата се симна на ниво на локални избори, на проблеми кои ни малку не се во нејзина ингеренција и сакаше да ја дефокусира работата. Веројатно ги помешала матриците и надлежностите, затоа што и во програмите на двата претседателски кандидата се говори за врховен командант на државата, за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО, говориме за обновувањето на македонската армија, за стабилност во државата, за школи на лидери, што ниту одблиску е надлежност на општините ниту, пак, тука може да извлечете какви било перцепции како надлежност или одговорност на градоначалниците.
Ние не ја презедовме старата традиција на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту се сликавме, ниту сечевме ленти, ниту се рекламиравме. Настани немаше на телевизија и сега некој сака да каже дека ние градоначалниците не сме го направиле тоа затоа што не сме допреле до граѓаните со нашата работа.
Сепак, победивте за градоначалник со разлика од речиси 2.000 гласа, а Силјановска-Давкова го победи Пендаровски со разлика од 6.000 гласа. Дали вашата работа придонела за оваа драматична промена на политичкото расположение во Гази Баба?
– Ние не велиме дека за временски рок од 15 месеци, колку што сум јас градоначалник, не сме направиле доволно, иако 27 години ВМРО-ДПМНЕ раководеше и управувала со сите можни проекти во општината. Наследив долг од 157 милиони денари, или околу 2,5 милиони евра, што требаше да ги вратам. Општината беше без основни проекти за вода, водоснабдување, фекална канализација, работи кои 27 години не биле решени, а Силјановска и Пендаровски, како претседателски кандидати, за време на кампањата од 40 дена сигурно не ќе можеле да ги решат туку ја префрлиле топката на тие теми за да дојдат до изборен глас. Кога говориме за бројки, ВМРО-ДПМНЕ изгуби 4.171 глас во однос на 2014 година со кандидатот Ѓорге Иванов визави сегашниот резултат што го има во Гази Баба.
Исто се случи и со Стево Пендаровски во 2014 година. Тој имаше 12.147, а противкандидатот 12.987, некаде околу 800 гласа разлика. Тоа што ние сакаме да ја префрлиме топката на друга страна или да кажеме дека фактори кои можат да влијаат се градоначалниците, директорите, министрите – пораката е добиена. Секако дека правиме анализи. Јас имам уште нешто повеќе од две години како градоначалник. Наследивме општина што беше урнисана. Успеавме да реализираме 250 проекти и низа настани, па дури и ако сакате во специфични населени места. Еве, поранешниот градоначалник Тони Трајковски е од Јурумлери, место каде што јас го почнав првиот систем за фекална одводна канализација, иако тој имаше два мандата и Коце (Трајановски) претходно три мандати, па претходно Борче Стефановски, кои можеа да почнат, а не фрлија ни една лопата.
Силјановска се симна на тоа ниво што очекуваше ние да сечеме лента на секоја чешма по двапати и на секој инфраструктурен проект во пресрет на претседателски избори. Градоначалникот тоа не го прави, тоа му е надлежност и затоа ниту се сликавме ниту правевме медиумска кампања. Тоа е редовна работа. Втората поента, која е уште побитна, е дека ние за редовни активности во Државната комисија за спречување корупција три пати бевме искритикувани од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе влијаеме на гласањето. На пример, дека сме обезбедиле физичко обезбедување во 11 училишта и две детски градинки, а тоа ни е редовна активност. Тендерите се распишани претходно и ја тераме целата постапка. Кога работите, им пречи, кога не објавувате дека работите, повторно им пречи; и кога ќе завршите проект, повторно им пречи, во смисла дека влијаете на гласачкото тело.
Вие сте избран на избори и не може да бидете сменет. Но дали има забелешки од партијата за вашата работа?
– „Метлата“ е симболички начин да им се испрати порака на тие што не си ја изработиле домашната задача, без разлика на бројот на освоени гласови. За мене говорат резултатите и трагите што сум ги оставил за овие 15 месеци. Секоја одговорност и секоја дискусија со аргументи е добредојдена во партијата. Тоа партијата ќе го направи со сериозен пристап, со утврдување на причините зашто е дојдено до вакви резултати, во кои места се случило тоа, што влијаело на таквиот резултат, вклучувајќи ја и одговорноста на градоначалникот доколку таа постои. Ниту бегам од таа одговорност ниту можам да го сокријам тоа. Во таа смисла бројките се релативни, а анализа се прави и ќе биде предмет на расправа на еден од партиските конгреси што претстојат. Тогаш ќе разговараме за сите одговорности, што можело да се направи и кои се можностите тоа да се поправи. „Метлата“, се надевам, е за тие што не ја завршиле својата домашна задача.
По поплавата во 2016 година, имавте забелешки за начинот на кој тогашната власт се справуваше со непогодата. Што презедовте откако вие раководите со Општината?
– Стајковци и поплавата од 2016 година се една голема болка, иако многу граѓани и компании солидарно придонесоа за справување со состојбата. Размислувавме која беше причината за таа непогода. Студијата за ерозија на Скопскиот плански регион, посебно во Општината Гази Баба, нè доведе до заклучок дека нерешените инфраструктурни проблеми, речните корита и канали и суводолиците се најголемиот проблем и причина за поплавата. Втората работа е неподготвеноста на државата да ги следи хидрометеоролошките услови насекаде за да може навремено да ги извести граѓаните. Трета работа, граѓаните треба да бидат однапред подготвени да можат да се справат со ваквите појави кои никој не може да ги предвиди, и тоа во разумен рок од десет до 12 часа. За жал, ситуацијата беше обратна. Самиот дел на обиколницата стана канал за одводнување и веројатно затоа загинаа луѓето на неа. Оттаму произлезе нашата стратегија за ерозијата на Скопска Црна Гора, која ја предложивме до Министерство за земјоделство и ги чекаме другите општини да се вклучат во неа. Предложивме краткорочни и долгорочни мерки. Прво, прогласување на ерозивни подрачја од прва категорија кои ќе треба да се заштитат и да се регулираат сите суводолици. Каналите веќе ги исчистивме. Каскадните брани беа запуштени и од 1990 година не беа чистени. Ги одржуваме и двапати годишно ги чистиме. Втората работа е дека падините на Скопска Црна Гора се комплетно уништени од бесправна сеча на дрвја. Имаме план да се пошумат. И трето, да се договориме со „Македонски шуми“ да се одржуваат.
Изработивме план за изградба на нов одводен канал кој ќе поминува над северната обиколница и ќе ги собира водите од Раштак, Булачани, Црешево, Виниче, Страчинци и Брњарци и ќе се влева пред Арачиново. Каналот ќе биде модерен, бетониран, ќе ги зафаќа сите води. За тоа ќе ги ги искористиме европските фондови. Ова го правиме за следните 100 години да е функционално, а не да се плашиме од дожд што трае два-три часа. Тогаш имавме 130 литри дожд на квадратен метар за неполн час и тешко кој ќе можеше да се справи со ваков потоп. Планираме и неколку мали акумулации, за да можеме селективно да ја испуштаме водата, за да не се прават штети. Деновиве ќе го објавиме проектот, а потоа следната година ќе може да почнеме со изградба.
Загадувањето на воздухот во Општина Гази Баба е една од првите грижи. На социјалните мрежи има неколку групи на кои постојано се објавуваат фотографии од палење депонии и црни чадови. Презема ли Општината мерки?
– Проблемот со загадувањето кај нас е од ноември до март. „Железара“ е еден од загадувачите, но не е најголем бидејќи тоа го покажа нашата студија што ја изработивме, затоа што има филтри и тој чад што го гледаат граѓаните не е канцероген. Може да гледате бел чад, но да биде само обична пареа. Според она што го покажува студијата, најголем дел од загадувањето доаѓа од загревањето на домовите и старите автомобили. Субвенциониравме купување печки на пелети и тоа ќе го продолжиме и годинава. Комуналното претпријатие од 40 вработени сега има 120, во сите 25 населени места. Но, не треба да се заборават дивите депонии и кој ги пали. Луѓе живеат на диви депонии без никаков статус. Колку инспектори имаме и каква надлежност имаат тие?
Мониторингот говори дека во зимски услови во домашните ложишта се пали сè и сешто, пластика, гуми. Старите автомобили се дополнителен фактор. Третата компонента е што кај дивите депонии, имаме 100 неидентификувани личности без лична карта, доселени на Вардариште, во картонски кутии, каде што надлежноста е на Министерството за труд и социјална политика. Тие се селат кај американска амбасада, во Шутка или во Лисиче. Собираат отпад и го користат за загревање. Тие се распослани на 65 хектари и кога вие ќе отидете, гледате дека гори, но нема сторители. И да најдете некој од нив, тој или нема лична карта или не сака да се идентификува. Повторно надлежноста е онаква каква што не би требало да биде. Ние градоначалниците презедовме иницијатива инспекторите да бидат комунални полицајци со сите овластувања, кои ќе можат да казнуваат секој што ја загрозува животната средна. Има десет регистрирани диви депонии, шест се исчистени, но во свеста на граѓаните е повторно да фрлаат таму каде што фрлале и претходно. Пластични контејнери ги сменивме со метални и половина од нив се украдени, половина се без тркала или се однесени на други места.
Имате ли едукативни програми, се работи ли на едукација на младите за создавање зелени навики?
Најдобрите резултати со едукација ги имаме во градинките. Во осум училишта имаме зелени знамиња, кои укажуваат дека тоа е еколошки свесна установа. Таму го собираме и го селектираме отпадот. Се согласувам дека луѓе од 60 години тешко се одвикнуваат од навиките, а кај најмладите го гледаме успехот и таму треба поагресивно да настапиме.
Тука зборувам и за уредување на паркови, за поставување урбана опрема. Не можеме секој ден да поставуваме, а утредента да ја нема или да е скршена. Парк-шумата Гази Баба сега е безбедна. Осветлена е, иако не е исклучена можноста за изолирани инциденти. Но ја уредивме со фитнес-центар за луѓе со посебни потреби, на атрактивно добро осветлено место. Патеките се исчистени. Поставена е урбана опрема, парк за миленичиња. Но чистотата не зависи само од општината туку и од граѓаните.
За полните контејнери со несоодветни отпадоци, опрема од цели реновирани бањи, кревети и фотелји, треба да профункционираат казнените инспектори. Мора да оди свеста во еден правец. Колку си фрлил ѓубре – толку ќе платиш. Не може бесконечно некој да фрла до контејнерот, а да не плати ништо за тоа.
Билјана Богдановска