Градоначалникот на Центар ќе бара итно расчистување на земјиштето кај „Треска“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по вчерашниот пожар во поранешната фабрика „Треска“, за медиумите изјави дека негова препорака е што побрзо да почне отстранувањето на сите објекти во индустрискиот капацитет.
„Моја информација е дека во ‘Треска’ има 35.000 до 40.000 метри квадаратни азбестен покрив. Денеска сѐ уште паѓаат азбестните плочи“, изјави Герасимовски за медиумите.
Герасимовски рече дека веќе разговарал со вработените во општината за да се испита какви материјали има на земјиштето и за тоа колку се тие штетни за граѓаните.
Во однос на шпекулациите за наводното подметнување на пожарот, градоначалникот на Општина Центар изјави дека не сака предвреме да коментира. Неговите сознанија се дека до моментов сѐ уште не е направен увид поради небезбедноста на теренот. Но. според информации од жителите во локалитетот, секојдневно се краде железо и бакар од каблите, кои потоа се палат.
По однос на актуелните теми за новите градби во „Треска“, Герасимовски порача дека како општина не можат да ги сопрат, но тие мора да бидат во согласност со јавниот интерес на граѓаните.