Градоначалникот на Белград: Да го вратиме Тито во Кумровец од каде што дојде


Вршителот на должноста градоначалник на Белград Александар Шапиќ во средата на Инстаграм објави дека ќе покрене иницијатива за преселување на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито од Куќата на цвеќето во Белград во Кумровец во Хрватска, каде што е роден.

„Да ставиме крај на оваа Куќа на цвеќето еднаш засекогаш и нека Јосип Броз се врати во Кумровец од каде што дојде, а Куќата на цвеќето нека биде местото каде што ќе почиваат најголемите српски великани, нека биде музеј на српската историја “ рече Шапиќ, кој инаку е кандидат од Српската напредна партија за нов мандат на чело на Белград.

Шапиќ смета дека во идниот музеј на српската историја треба да почиваат „луѓето кои навистина ја бранеа таа земја – од Степа Степановиќ, Живојин Мишиќ до Радомир Путник и други“.

Како што наведе, тоа се луѓето на кои Европа им се восхитувала и кои ја бранеле во Првата светска војна против Германците, а кои сега Србите би сакале да ги прогласат за геноцидни.

„Кога ќе го спомнам името на Драгољуб Михајловиќ, еден од нашите најодликувани офицери, кој ја бранеше Србија во Балканските војни и во Првата светска војна од австроунгарците, а во Втората светска војна против нацистите, ми скокаат на главата „Титовите Југословени“. Нѐ бранеше и од оној од кого направивме мит, од Јосип Броз, кој беше австроунгарски каплар и пукаше во нас како таков“, додаде Шапиќ на Инстаграм пренесувајќи ја својата изјава за ТВ Информер.

Шапиќ оцени дека се поставува прашањето „дали во Куќата на цвеќето ќе им оддадеме чест на српските херои со изградба на музеј на српската историја или таму ќе го оставиме Јосип Броз Тито, австроунгарскиот каплар и големиот негативец на поновата српска историја“.

Внукот на Јосип Броз Тито, поранешниот претседател на Југославија, Јосип Јошка Броз изјави дека иницијативата на вршителот на должноста градоначалник на Белград Шапиќ, посмртните останки на Тито да се преселат од Куќата на цвеќето во Кумровец е „глупост“ и „политичка игра“, пренесува Данас.рс.

„Не знам што му пречи во Куќата на цвеќето. Нема да биде возможно се додека сме ние Југословените и носталгичарите. Неговиот предлог не е ништо повеќе од политичка игра, во која нема да успее, на крајот народот ќе преземе сѐ што е потребно за тоа да не се случи“, оценува за „Време“ внукот на Тито.