Градоначалник со талент за правење непријатели


Градоначалникот на Прага, Зденек Хриб, има талент да прави моќни непријатели.
Откако ја налути Кина со укинување на договорот за збратимување меѓу Прага и Пекинг и ја замени кинеската престолнина со главниот град на Тајван, Тајпеј, 38-годишниот политичар на Пиратската партија е ставен под полициска заштита по извештајот (кој Русија го негира) дека бил мета на руски атентатор.

Според чешкиот неделник „Респект“, кој цитира „полициски и други одговорни безбедносни служби“, руски државјанин кој патувал со дипломатски пасош слетал во Прага на почетокот од април вооружен со отровот рицин. Во извештајот се вели дека тој бил член на руската тајна служба и дека неговата мисија е да ги убие Хриб и двајца градоначалници во областа на Прага.

Хриб ја налути Москва со преименувањето на плоштадот во чешката престолнина – истиот на кој се наоѓаше руската амбасада – по Борис Немцов, истакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше убиен на московска улица во 2015 година.Русија ја премести својата амбасада откако преименувањето се случи во февруари, но Хриб изјави дека не гледа зошто се дигнала толкава врева околу оваа одлука.

„Не разбирам зошто бегаат од плоштадот што е именуван по нивниот поранешен вицепремиер “, рече тој за „Политико“.

Тоа не беше прв пат градоначалникот да ги налути Русите: Тој претходно нареди да се отстрани од Градското собрание плочата посветена на рускиот воен херој Маршал Иван Конев како ослободител на Прага на крајот од Втората светска војна.

„Конев пристигна во Прага откако Германците веќе им се предадоа на Чесите“, рече градоначалникот, објаснувајќи ја неговата одлука.

Чешките власти не дадоа официјално образложение за ставањето на Хриб и двајцата други градоначалници  – Павел Новотни, кој е отворен критичар на Кремљ и Онджеј Коли,  кој нареди отстранување на статуата на Маршал Конев на почетокот на април – под полициска заштита.

Руската амбасада веднаш ги отфрли обвиненијата нарекувајќи ги „примитивна и провокативна пропаганда“. Таа, исто така, му напиша на чешкото Министерство за надворешни работи осудувајќи ја „неприфатливоста на тековните несуштински напади врз Русија и нејзината амбасада во Прага“. Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, го нарече тврдењето за заговорот за убиство на градоначалникот „незамисливо“. Русија предложи дијалог за отстранување на споменикот на Конев, што Лавров го нарече „грубо кршење“ на договорот за пријателство, кој датира од 1993 година.

Хриб сепак сериозно ја сфати наводната закана за негов атентат изјавувајќи: „Не можам да кажам зошто полицијата ги презема овие активности, но во оваа земја тоа не се прави за ништо“.На прашањето дали е исплашен, тој одговори: „Должност на политичарот е да ја брани слободата на говорот, дури и ако постои ризик за неговата безбедност. Ова е главното прашање “.

Како и да е, Хриб не треба да оди до Москва и до Пекинг за да најде непријатели. Чешкиот претседател Милош Земан го смета градоначалникот за голема напаст и потенцијална пречка во неговите обиди да воспостави поблиски врски со Русија и Кина.Претседателот го обвини градоначалникот на Прага за водење на сопствена „надворешна политика“ по прашањето на Кина и Тајван, додека Хриб тврди дека тој само ја критикува Кина поради нејиниот прогон на Ујгурите и, неодамна, за „криење на фактите“ за пандемијата на коронавирус.

Неодамна, чешкиот претседател го нападна градоначалникот за преименување на плоштадот што беше дом на руската амбасада. „Ова е јасен политички чекор, класична манифестација на мал чешки обид да нападнеш некој додека се криеш зад грмушка“, рече Земан преку неговиот портпарол.

Хаиб, чија Пиратска партија е во опозиција на национално ниво и управува со Прага благодарение на расцепканата  коалиција, одговара дека промената на името на улицата  е резултат на петиција, додавајќи: „Ние само го следевме барање од нашиот град. ”

Градоначалникот сепак наиде на некои исмејувања кон крајот на март, кога провладиниот политички коментатор, повикувајќи се на неименувани извори во Градското собрание, напиша дека Хриб сакал да стави маски за лице на фигурите на апостолите на Астрономскиот часовник на плоштадот , како што гест на охрабрување на луѓето да ги носат за да се спречи ширењето на коронавирусот – но не можел да добие доволно.

„Имаше таква идеја во тоа време, призна Хриб со насмевка. „Но, решивме да не го сториме тоа“.

Градоначалникот инсистира  дека нема намера  да провоцира моќни луѓе.

„Ние не правиме ништо со цел да направиме непријатели“, рече тој. „Ние правиме работи што се важни за граѓаните во Прага. Ако правите нешто, ќе имате непријатели. Ако не правите ништо, немате, “ порача тој.