Градоначалниците се заканија со кривична – Арсовска се пофали дека „Комунална хигиена“ профункционирала


„Успеавме да извојуваме уште една победа со цел заштита на јавниот интерес, интересот на скопјани. Скопје се чисти, екипите на Комунална хигиена Скопје се на терен, состојбата во претпријатието е нормализирана. Не дозволивме и нема да дозволиме мафијашки структури заедно со политичкиот смет да наштетат на интересите на македонските граѓани.
Она што го ветив пред граѓаните е дека ќе работам чесно и во нивен интерес и ништо нема да ме спречи да го исполнам дадениот збор“, соопшти денеска Градот Скопје, преку градоначалничката Данела Арсовска.
 
По четири дена агонија, контејнерите во Скопје се празнат – што од општините , што преку надлежното претпријатие „Комунална хигиена“.
 
Утрово пак, дел од градоначалниците од Скопскиот плански регион, се собраа во просториите на Општина Аеродорм, да се договорат како да се справат со ѓубрето кое се натрупа во и околу контејнерите. 
Фото: Б. Грданоски
 
Тие побараа отчетност од Градот, но и ја потврдија иницијативата целата механизација од „Комунална хигиена“ да им се предаде ним и за чистотата во градот да се грижат тие. 
Дополнително побараа доколку Градот не е кадарен да се справи со сметот, да помогне и Владата.
Фото: Б. Грданоски

Тие ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска веднаш да најде решение за проблемот и да не го остава градот блокиран. Побараа Дрисла да ги отвори рампите за да може нивната механизација да продолжи да работи. Градоначалникот на Центар, Горан Герсимовски рече дека тие немаат големи камиони за да го подигнат отпадот од контејнерите од булеварите, но дека со таа механизација што располагаат, ќе сработат тоа што можат.

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ пак ја повикаа градоначалниката Данела Арсовска да поднесе оставка. Велат дека со месеци слушале демагогии од градоначалничката, но дека граѓаните не ги интересира што е проблемот, туку градот да им биде чист, зошто за тоа плаќаат.

„ Ги повикувам од Дрисла да ги отворат рампите за да ова го сработи некој кој е способен. Никој од нас не штити никој што не одел на работа, но не може на сметка на 20-30 луѓе цел град да биде заложник. Факт е дека во моментов 1200 луѓе во Комунална не работат ништо. Никој не може да се блокира градот заради сомнеж за нешто“ рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.

Тие велат дека немаат ингеренции да го решат проблемот, но дека нема да се повлечат и ќе бараат законско решение. Ако нема постапување најавија кривична пријава против Арсовска.

Фото: Б. Грданоски