Градоначалниците од источниот регион немаат кадар, бараат нови вработувања во градинките


Една од двете штипски градинки за само две години изгубила 15 вработени по основ на пензионирање или личен отказ. Станува збор за негуватели, воспитувачи и технички персонал, поради кои за две години се затворени четири групи. Истата градинка поради овој проблем, има примено 200 дечиња помалку од капацитетот.

Како што изјави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, за проблемот е алармирано до Министерството за труд и социјална политика, но од таму нема дозвола за пополнување на испразнетите места.

– Во изминатите две години во сите градинки во општините каде што градоначалници и директори се луѓе-функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Министерството за труд и социјална политика две години не ја почитува законската обврска да даде согласност за потполнување на веќеиспразнетите стотици места за негуватели и воспитувачи. Станува збор за загрозување на воспитно-згрижувачкиот процес во градинките. Ова го пренесувам и како градоначалник, но и како родител, истакна штипскиот градоначалник.

Ваква е ситуацијата и во детски градинки од други градови од Истокот. Градоначалниците на Карбинци, Свети Николе и Зрновци посочуваат дека делумно се снаоѓаат со ангажирање преку општо-корисна работа, но тоа е само времено решение. Велат бараат луѓе со лиценца и директори со менаџерски испит, но не им дозволуваат да полагаат.

– Го оневозможуваат примањето нови кадри коишто ни се потребни поради испразнети работни места, но од друга страна се оневозможени и оние коишто сакаат да полагаат за да се здобијат со лиценци за негуватели, воспитувачи, па и менаџерски испити за директори со тоа што не се повикани на полагање, вели Виктор Паунов, Градоначалник на Општина Карбинци.

-Во општина Свети Николе местата ги потполнуваме со општо-корисна работа преку Агенција за вработување, со што ги ангажираме со договор. Тие негувателки не се осигурани, туку имаат само договор за мизерни 12.000 денари, вели Дејан Владев, Градоначалник на Општина Свети Николе.

– Во текот на овие две години се работи за двајца негуватели коишто се приправници со исполнети услови да станат негуватели. Повеќепати е испраќано барање за согласност, од Министерството се наидува на премолчување. Исто така во делот на техничкиот персонал, вели Борчо Коцев, Градоначалник на Општина Зрновци.

Градоначалникот на Штип посочи дека доколку и понатаму нема одговор од Министерството, градоначалниците заедно со в.д. директорите и родителите ќе се соберат на протест на кој ќе го искажат незадоволството од владиниот однос, кој како што вели, ги поминал сите граници на толеранција.